Начевски: Запрепастен сум, да бидам жртва на еднострана изјава на Бајрамоска без соочување и сведоци??

Фото: sehaphoto.photodeck.com/

Марјан Начевски испрати негова изјава во врска со доживотното исклучување од Ракометната федерација на Македонија…

Денеска федерацијата ја информираше јавноста дека на Марјан Начевски, делегат/контролор на РФМ му е изречена дисциплинска санкција, исклучување од Ракометната федерација на Македонија врз основ на доставена пријава од член на УО на РФМ и поранешна репрезентативка Мирјета Бајрамоска. Како причина за поднесената пријава наведени се вербални навреди упатени кон подносителот на пријавата, од страна на пријавениот, изнесени на агресивен начин и со висок тон, вклучително погрдни и недолични навреди кон федерацијата, националните селекции, играчите, и други личности прозвани во отсуство, за време на меѓународен репрезентативен настап, на кој пријавениот присуствувал без соодветна акредитација.

Начевски е запрепастен од тоа што се случува во ракометниот спорт, во продолжение проследете ја неговата изјава по одлуката на РФМ:

– Да бидам ЖРТВА на ЕДНОСТРАНА ИЗЈАВА на Мирјета Бајрамоска, без соочување и сведоци на натпревари на кој присуствувавме како гледачи???

Еве имено за што се работи:

На 4 мај 2021 година добив допис на мејл од РФМ дека сум повикан на 07.05.2021 година да дадам изјава пред дисциплинска комисија на РФМ, за наводна вербална расправија помеѓу мене како гледач и поранешна репрезентативка Мирјета Бајрамоска (вработена во фирмата на претседателот Мукаетов) исто така како гледач, кој се случил по завршување на квалификацискиот натпревар Македонија – Литванија, во тек на квалификацискиот натпревар Грција и Исланд, одржан на 20.03.2021 година во Скопје.

Именуваната од за мене непознати причини, дала изјава дури после 14 дена од тој натпревар, дека настанал инцидент помеѓу нас, што не е точно, за што има неколку сведоци кои седеа во близина до нас, кои не би сакал да ги именувам бидејќи еден дел од нив се инволвирани во РФМ како вработени или како лица кои работат во некоја селекција, па да немаат последици. Се прашувам, ако имало инцидент како вербален дуел помеѓу нас, како што наведува Мирјета Бајрамоска, зошто тогаш чекала 14 дена да поднесе пријава, а таа пријава не ја поднела следниот ден ако била толку револтирана?

Како може да напише во пријавата дека: „СЕ СВРТЕ КОН ТРИБИНАТА ВО КОЈА Е ЛОЖАТА И ПОЧНА ВУЛГАРНО И ГЛАСНО СО ПОГРДНИ ЗБОРОВИ ДА ВИКА, ДА ГИ НАВРЕДУВА И ГИ ОМАЛОВАЖУВА РАКОВОДСТВОТО НА РФМ, РФМ И ДРЖАВАТА ВО ЦЕЛИНА“. Како може да се завртам кон ложата кога во неа немаше ниту едно присутно лице, ниту беше дозволено да некој седи во ложата поради пандемијата. Дали не е ова доволна лага напишана од Бајрамоска да јас бидам жртва на нејзината изјава и бидам доживотно исклучен од Ракометната федерација на Македонија (моето трето дете, бидејќи јас имам повеќе пари потрошено од мојата приватна фирма за ракометот, него вкупно за целиот живот потрошено за моите две деца заедно)???

Уредно се јавив на повикот од дисциплинската комисија на РФМ, каде беа присутни само два члена, претседател Димитар Ристовски, искрено никогаш не сум го видел на ниту еден натпревар да присуствува како гледач? И Драги Огненоски, го видов во два-три наврати заедно со претседателот на РФМ Г-дин Мукаетов. Ми беше соопштено дека третиот член Влатко Мицев е болен и нема да присуствува на состанокот. Јас ја извадив личната карта да се легитимирам, за што ми кажаа дека те знаеме, не треба, но тие тоа не го сторија. Претседателот ја отвори седницата, ја прочита пријавата на Мирјета Бајрамоска, за што после читањето побарав да ја видам (што не ми се дозволи). Потоа побарав да ми се достави копија од пријавата и образложение за евентуалниот прекршок за кои ме обвинуваат, за да можам да видам по кој член сум сторил прекршок за да спремам одбрана и затоа побарав да се даде пауза од 5 минути за добивање на документите кои јас ги барам. Сето ова го побарав за да побарам одложување на расправата за друг ден за да можам да ангажирам адвокат и да ја припремам мојата одбрана. (бидејќи во пријавата што ја добив и одлуката за поведување на дисциплинска постапка немаше никакво образложение за што се товарам, по кој член и какви санкции се предвидени по тој член, иако ние бевме само како гледачи на тој натпревар, а не во функција на ракометот).

До тој момент целокупната расправа беше на коректно ниво. После паузата, претседателот се упати кон канцеларијата на генералниот секретар Филип Милошевски, и по 5 мин кога се врати во големата сала во РФМ, почна да разговара со повисок и провоцирачки тон „АЈДЕ ДАЈ ИЗЈАВА АКО САКАШ, АКО НЕ ДАВАШ ДА ЗАВРШИМЕ?“. На тоа јас му одговорив дека прво треба да ја добивам копијата од пријавата и одговорот за што се товарам, на што тој ми одговори: „ЌЕ ГИ ДОБИЕШ НА МЕЈЛ“. Јас повторно инсистирав, но залудно. Потоа се упатив да го повикам генералниот секретар на РФМ кој мораше по Статутот на РФМ да присуствува и согласно член 65 од Статутот на РФМ да се грижи за законското работење на РФМ и неговите органи и тела, и да учествува на состаноците на комисиите и другите тела и органи во давање на совети и толкување. Доколку не е во можност да присуствува, да одреди негова замена. Тогаш, ја запрашав Валентина вработена како оператор во РФМ, дали може да го повика генералниот секретар да дојде на состанок. Ми одговори дека отишол. Откако беа одбиени моите барања, побарав сето тоа да биде внесено во записникот и да добијам копија од записникот.

Ми беше кажано дека записник не можам да добивам на лице место и дека ќе ми биде пратен на мејл. Јас инсистирав да добивам записник кој треба да биде потпишан од присутните два члена на комисијата, од мене и од записничарот, но тоа не го добив. Во неколку наврати се обратив по официјалниот мејл да ми пратат записник, но до овој момент тоа не е сторено, не знам од кои причини?. По неколку часа наместо записник, од РФМ добив одлука за доживотна суспензија од Ракометна федерација на Македонија, во која е изнесена ноторна лага, сум рекол на претседателот на комисијата: „ќе те колам“.

– ДИСЦИПЛИНСКИ ПРАВИЛНИК НА РАКОМЕТНАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Во време кога јас станав генерален секретар на РФМ, ракометот беше спорт бр.8 во нашата држава. Еден од најголемите спонзори на федерацијата во тоа време бев јас со мојата приватна фирма. За Ваша информација во тој период од буџетот на државата добивавме околу 5.000 ДМ годишно до 1996 год, за да во последните 4 години добивавме по 20.000 евра. Со голем ентузијазам и работа заедно со луѓето кои беа во управниот одбор, достигнавме ракометот да стане спорт бр.1 во нашата држава во 1997 година, што тој примат го има и денес. Како генерален секретар, останав на таа функција до март 2013 година.
Знаете дека како судија, делегат-контролор на ЕХФ и ИХФ и делегат на ЕХФ и ИХФ во ракомет на плажа, имам повеќе од 1.000 натпревари и секогаш ја претставував Македонија достоинствено и доследно сум ја презентирал Македонија, на најголеми Европски и Светски првенства, како и две Олимписки игри.

Дали сум заслужил да одам од ракометот на ваков начин како жртва на еднострана изјава на Мирјета Бајрамоска, без никакво соочување и повикување на сведоци на расправата пред дисциплинска комисија на РФМ, нека оцени македонската јавност.

За измислениот наводно инцидент и вербален конфликт, ќе поднесам тужба за клевета против Мирјета Бајрамоска –

Со почит, Марјан Начевски

Фото: sehaphoto.photodeck.com/

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот