Фото: Роскосмос/НАСА

На Земјата се врати Кристина Кох – астонаутката која учествуваше во првата потполно женска „прошетка во вселената“

Заедно со сонародничката Џесика Меир, на 18 ноември минатата година учествуваше во првата потполно женска „прошетка во вселената“, истакнуваат од Би-Би-Си. Двете астронаутки поминаа седум часа надвор од ИСС, заменувајќи една нефункционална единица за управување со напојувањето.

Астронаутката на НАСА Кристина Кох стана првата жена која има изведено најдолг поединечен вселенски лет. Кох денес се врати на Земјата, а зад себе има 328 дена на Меѓународната вселенска станица (ИСС), а со тоа го престигна рекорднот на својата сонародничка до САД, Пеги Вистон. Кох се врати со рускиот вселенски брод „Сојуз“, кој со падобран се спушти во казакстанската степа, пишува Би-Би-Си.

Со неа слетаа и нејзините колеги Лука Пармитано од Европската вселенска агенција, како и рускиот космонаут Александар Шкворцов.

Нејзиниот рекорд е само 12 дена пократок од најдолгиот американски престој во вселената во историјата, кој го постави Скот Кели со останувањето на ИСС од 2015 до 2016 година. Кох уште на 28 декември го достигна досегашниот рекорд од 289 дена на Пеги Вистон. А нејзиното враќање на Земјата, во 9 часот по лондонско време, е достигнување кое ќе се обидат да го надминат сите следни вселенски патници. Вистон и понатаму го држи рекордот во вкупно време поминато во вселената на една жена, акумулиран за време на три вселенски лета од 2002 до 2017 година.

– За мене тоа само е чест која ја чувствувам додека ги следам чекорите на моите херои – рече Кристина Кох за новинарите во вторникот, во директна видеоврска со ИСС.

Додаде дека сака да ја поттикне следната генерација на истражувачи на вселената.

– Важно ми беше да ги видам луѓето во кои се гледав себе додека растев, додека си замислував што би можела да направам со мојот живот и кои би биле моите соништа. Да се биде извор на инспирација за некој друг ми претставува голема чест – нагласи Кох.

За време на речиси 11-месечниот престој на ИСС, Кох беше влучена и во уште едно важно остварување во вселенските летови. Заедно со сонародничката Џесика Меир, на 18 ноември минатата година учествуваше во првата потполно женска „прошетка во вселената“, истакнуваат од Би-Би-Си. Двете астронаутки поминаа седум часа надвор од ИСС, заменувајќи една нефункционална единица за управување со напојувањето.

Присетувајќи се на тој историски настан со Меир, Кристина Кох за Ен-Би-Си њуз рече: „Кога го добивме првиот налог да излеземе од воздушнат комора, како и кога конечно излеговме, се погледнавме една со друга во очи. Знаевме колку е посебен тој момент и никогаш тоа нема да го заборавам“.

По тој настан, Кох и Меир уште двапати заедно се „прошетаа“ во вселената, на 15 и 20 јануари оваа година. Првата жена која излезе од вселенски брод беше Светлана Савицкаја од Советскиот Сојуз, која со астронаутот Владимир Џанибеков, на 25 јули 1984 година, повеќе од три часа работеа надвор од вселенската станица „Салут 7“.

Кох претходно рече дека нејзиниот вселенски лет ќе ѝ помогне на американската вселенска агенција подобро да ги разбере долгорочните ефекти од престојот во вселената, бидејќи НАСА до 2024 година планира повторно да испрати астронаути на Месечината. Заедно со останатите активни астронаути, Кох е потенцијален кандидат за таа мисија.

Би-Би-Си пренесува дека за време на нејзиниот лет до ИСС, Кох експериментирала со белковини, а се во рамки на проект кој би можел да влијае на лечењето за рак.

За време на мисијата имала и време да се опушти, на пример со вечер за караоке со останатите членови на екипажот.

Кох вели дека од престојот на ИСС ќе ѝ недостасува само слободата која ја овозможува микрогравитацијата. Во разговор за новинарите, тоа го демонстрираше со ротирање на своето тело за 180 степени, велејќи: „Навистина е забавно да се биде на место на кое можеш да се движиш наоколу со оттуркување од подот и во секоја насока“.

Сепак, го додаде и ова: „Дефинитивно се радувам што наскоро ќе бидам на истата планета како и сите други луѓе“.

За време на 328-дневниот престој на ИСС, Кох не само што го престигна рекордот на Пеги Витсон, туку и на двајца Руси, Јуриј Романенко и Сергеј Крикалев, кој го држеа петтото и шестото место на листата за најдолги престои во вселената.

Од сите луѓе, најдолго во вселената остана Русинот Валериј Полјаков, кој на советската, а подоцна и руската вселенска станица „Мир“ остана 437 дена, од 8 јануари 1994 до 22 март 1995 година.

Кох кон ИСС се упати на 14 март минатата година. Требаше во станицата да остане вообичаен период кој изнесува шест месеци, но нејзиниот престој е продолжен во април 2019 година, поради проблеми со распоредот за летање.

Кох е родена во Гранд Рапидс во американската сојузна држава Мичиген и има дипломирано физика и електротехника.

View this post on Instagram

/ @instavesti.sp / За ПРВПАТ Во 61-годишната историја на #НАСА ? Утре ќе се изведе ПРВАТА прошетка во ВСЕЛЕНАТА на ЖЕНСКИ ЕКИПАЖ! ⚡️Астронаутките Кристина Кох и Џесика Мер требаше да излезат од Меѓународната вселенска станица на 21 октомври, но нивната историска екскурзија беше поместена за три дена порано. Задачата на Кох и Мер ќе биде да го заменат уредот за полнење батерии, на кој се појавија проблеми оваа недела.⁣ ? Вселенската прошетка на Кох и Мер најрано ќе се случи в петок- напишаа вчера од Меѓународната вселенска станица на Твитер.⁣ ⁣ ? Според НАСА, прошетката би требало да трае околу пет и пол часа. Тие ќе заменат регулатор за енергија, кој беше во функција од 2000 година, но не се активираше откако неодамна беа ставени нови литиум-јонски батерии. ⁣ ⁣ ⚡️ Кетрин Саливен во 1984 година стана прва жена која излегла во вселенска прошетка и иако оттогаш тоа го направија уште 14 астронаутки, тие секогаш биле придружувани од машки колега.

A post shared by СП. (@slobodenpecat) on

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот