Промоцијата се одржа во „Јавна соба“ во Скопје

На промоцијата на монографијата „Рисима“ кореографката истакна дека најважно е никогаш да не се откажете од себеси

Во мултимедијалниот центар „Јавна соба“ во Скопје на 3 декември се одржа промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на најпознатата и најуспешна македонска кореографка за современ танц ‒ Рисима Рисимкин.

Монографското издание „Рисима“ го објави „ПНВ Публикации“ со поддршка од Министерството за култура и туризам. Монографијата низ разговор со Рисима Рисимкин и Јасна Франговска ја претстави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.

Во обемното и луксузно издание, на 180 страници, опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисима Рисимкин ‒ од самите почетоци како балерина, со сите предизвици со кои се соочувала, до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц, којашто со нејзината едукациска работа зад себе остава нови генерации танчари и кореографи.

Рисима Рисимкин е клучна фигура во македонската култура, а нејзиниот труд годинава беше крунисан и со високото признание ‒ Витез на францускиот ред на уметностите и книжевностите што го доделува државата Франција.

– Животот ги содржи сите бои, има и препреки и успеси. Секогаш и секаде ќе се најде некој што ќе дејствува спротивно од вас, но секогаш се појавува и некој што ве поддржува. Тоа секогаш е така и затоа пораката е дека секогаш треба да се движите напред. Најважно е никогаш да не се откажете од себеси – рече Рисима Рисимкин пред многубројната публика на промоцијата, притоа упатувајќи благодарност до Јасна Франговска за „убоста“ на зборот и до фотографите што успеале вистински да го отсликаат нејзиниот творечки пат.

Издавач на монографијата е „ПНВ Публикации“

Покрај извонредно питкото писмо на Франговска, што на многу топол и непосреден начин го доближува животниот и професионалниот пат на Рисимкин, извадоците од позначајните рецензии за нејзините дела и обраќањата до читателот од самата Рисима, изданието е збогатено и со неверојатни фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чиишто автори се: Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Aнтонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски ‒ Летра, Емил Петров и Борис Грдановски.

Авторката Јасна Франговска истакна дека нејзиниот предизвик не била монографијата, туку личноста на Рисима, бидејќи ниту еден успех не доаѓа случајно, туку сето тоа е резултат на долгорочна и посветена работа. „Ништо не може да се оствари ако претходно не е отсонувано, а Рисима успеа во тоа“, заклучи Франговска.

Промоцијата се одржа во „Јавна соба“ во Скопје

Проф. д-р Рисима Рисимкин е македонски кореограф, со интернационално реноме, која годинава одбележува 45 години уметничко творештво. Рисимкин е одликувана со Орден од редот на Витез на уметностите и книжевностите на Франција, добитник е на наградата Европска личност на годината за 2024 година и добитник е на наградата „Ѓорѓи Македонски“ ‒ награда за авангарден претставник во современата танцова едукација и творештво во 2025 година.

Кореографското творештво на Рисимкин прави огромен прогрес на домашната танцова сцена. Рисимкин со нејзините претстави гостува на сцените низ целиот свет, а во 2022 година го остварува историското гостување во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција, со претставата „Идентитети – историја на еден растегнат сон“.

Рисимкин е основач на универзитетска програма за современа танцова едукација, која е во рамките на Филмската академија при универзитетот „Гоце Делчев“ и е нејзин актуелен декан во два последователни мандата. Таа е основач и уметнички директор на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје“, основач и уметнички директор на Скопје танцовиот театар.

Автор е на повеќе од четириесет авторски кореографии, со кои ја видоизменува домашната танцова сцена. Таа се смета за зачетник на создавањето на современата танцова сцена во рамките на македонската балетска сцена.

Рисима Рисимкин и Јасна Франговска

Јасна Франговска (1963) е долгогодишна новинарка, која професионалната кариера ја започна во „Македонско радио“, па во „НОМА“ радио (радио на весникот „Нова Македонија“), а сега ја завршува во Радио „Буба Мара“. Во меѓувреме, повеќе од 30 години работи во повеќе весници како уредник за култура, почнувајќи од „Денес“ и „Македонија денес“, па во „Време“ и „Неделно време“, потоа во „Нова Македонија“, а неколку години и како новинар во „Дневник“ и во „Теа модерна“.

Авторка е на две книги: монографија за актерката Милица Стојанова ‒ „Милица Стојанова: превези, лица: монографија“ (во соавторство со Искра Гешоска) и на уметничкиот патопис на сликарот Сергеј Андреевски, насловен „Патот на потегот“. Себеси се гледа како страстен раскажувач со око за детали и финеси.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 310, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-8.12.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот