На Германија и се заканува нов бегалски бран поголем од оној во 2015 година

Германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, предупреди за опасноста од нов бегалски бран што би можел да го надмине оној од 2015 година, укажувајќи на потребата да им се помогне на државите кои ги чуваат надворешните граници на ЕУ.

Ние треба да им помогнеме на нашите европски партнери при контролирање на надворешните граници. Премногу долго ги оставивме на цедило. Ако не го сториме тоа, ќе доживееме бегалски бран како оној во 2015 година. Можеби дури и поголем од тогаш – рече тој во интервју за „Билд ам зонтаг“.

Тој најави дека ќе разговара со новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, за мерките што треба да помогнат да се спречи повторно да се случи ситуацијата од 2015 година.

Зехофер, кој беше во Турција минатата недела, ги повика членките на ЕУ да направат повеќе за оваа земја.

– Турција прави многу кога станува збор за приемот на бегалци. Тоа е во заеднички интерес. Затоа мора да заборавиме на проблемите од минатото и да направиме повеќе за Турција –  рече германскиот министер за внатрешни работи.

Зехофер ја посети и Грција, која бележи пораст на бројот на мигранти кои доаѓаат на егејските острови од Турција во последните неколку недели. Тој вети германска помош за приемот на бегалци и подобра заштита на надворешните граници.

Зехофер, кој беше еден од најжестоките критичари на отворената мигрантска политика на германската канцеларка, Ангела Меркел, за време на бегалската криза, во последните неколку недели се залагаше Германија да прими повеќе бегалци од Медитеранот, што беше цел на критика внатре во демохристијанската Унија ЦДУ / ЦСУ.

Партијата особено го критикуваше ветувањето на Зехофер дека Германија ќе го прими секој четврти бегалец кој ќе биде спасен од Средоземното Море.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот