На денешен ден Панчев со историскиот гол во пенал рулетот и донесе европска титула на Црвена звезда (ВИДЕО)

профимедиа

„Црвено-белите“ пред 29 години во Бари го совладаа тогаш моќниот Олимпик Марсеј со финалето на Купот на Европските шампиони, а дел од тимот беа и Дарко Панчев и Илија Најдоски.

29. мај е посебен ден за навивачите и фудбалерите на Црвена звезда, пред точно 29 години на стадониот „Сан Никола“ во Бари „црвено-белите“ станаа европски шампиони.

Црвена звезда по подобро изведување на пенали го совлада Олимпик Марсеј (5:3) и триумфира во Купот на Европските шампиони.

Фудбалерите на Црвена звезда на патот до финалето ги елиминираа Грасхоперс (1:1,4:1), Глазгов Ренџерс (3:0,1:1), Динамо Дрезден (3:0,2:1) и Баерн Минхен (2:1,2:2), а во финалето ги очекуваше Олимпик Марсеј за кога тогаш играа едни од најголемите фудбалски ѕвезди во Европа како Папен, Стојковиќ, Боли, Водл…

Францускиот тим ја имаше контролата над топката, тоа беше дел од тактиката на тренерот на „црвено-белите“, Љупко Петровиќ, и таквата игра ги донесе до позиција за победникот да одлучуваат пеналите.

Во пенал рулетот, голманот на „црвено-белите“ Стојановиќ во првата серија го одбрани ударот на Аморос, а сите пет фудбалери на белградскиот тим беа прецизни. Последен шутираше Дарко Панчев кој го совлада голманот Паскал Олмета.

twitter/The Antique Football

– Тие неколку секунди колку што му беа потребни на Дарко Панчев да ја постави топката на пенал линијата и да шутне ми изгледаа како вечност. Седев на клупата кога ми пријде директорот Драган Џајиќ, ја спушти главата и ги затвори очите. Му реков дека за неколку секунди можеме да станеме европски шампиони, а тој ми рече: Молчи Љупко.
Кога видов дека се затресе мрежата, скокнав и прво на што се сеќавам е подиумот на кој бевме сите заедно со пехарот. Од стресот и нервозата немав сили да се радувам и многу подоцна станав свесен за успехот кој го направивме – се потсетува на одлучувачките момменти, тренерот Љупко Петровиќ.

фото: твитер

Човекот на одлука беше легендарниот македонски фудбалер, Дарко Панчев.
– Мило ми е што нашата генерација донесе нешто со кои сите може да се гордеат. Пехарот беше во нашите раце, му се радувавме, фотографиравме. Сигурен сум дека нашата Звезда вечно ќе сјае – зборува Панчев.

За Црвена звезда настапија: Стеван Стојановиќ, Рефик Шабанаџовиќ, Илија Најдоски, Миодраг Белодедиќ, Слободан Маровиќ, Владимир Југовиќ, Синиша Михајловиќ, Роберт Просинечки, Дејан Савичевиќ (Влада Стошиќ од 84.), Драгиша Биниќ, Дарко Панчев.

Олимпик Марсеј: Паскал Олмета, Карлос Мозер, Базил Боли, Бернар Касони, Мануел Аморос, Ерик ди Меко (Драган Стојковиќ од 112.), Лорен Фурние (Филип Веркрујс од 75.), Бруно Жерман, Крис Водл, Жан-Пјер Папен, Абеди Пеле.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот