Фото: Скриншот/Јутјуб

На денешен ден е роден Кемал Монтено: Песните на „кралот на дуетите“ оставија длабока трага на регионалната музика!

Кемал Монтено беше босанскохерцеговачки музичар, познат по своето богато творештво во повеќе од 40-годишната кариера. Поголемиот дел од животот го помина во родното Сараево, а во староста живееше во Загреб. Тој е познат  и како кралот на шлагерот и кралот на дуетот.

Монтено е роден на 17 септември 1948 година во Сараево. Неговиот татко бил италијански војник кој за време на Втората светска војна дошол во Сараево и се вљубил во мајката на Кемал, и поради таа љубов решил да остане во новата татковина. Поради италијанското презиме, таткото сакал неговиот син да има босанско име, а токму таа босанско-италијанска поделба влијаела и на творештвото на Монтено.


Со медитерански шмек и босанска душа, која ја внесе во своите песни, Монтено создаде свој музички израз, кој го следеше во текот на неговата повеќе од 40-годишна кариера, се вели во неговата биографија. Љубовните песни беа негов неисцрпен извор и искрена исповед, во која ги опишуваше животните ситуации во кои се нашле тој или неговите блиски луѓе. Љубовната приказна на своите родители ја опеа дури во песната „Шта је живот“, по која го нарече својот последен албум. Во своите шансони ретко се повторуваше, а својот врвен кантавторски ракопис го докажа со умешно спојување на љубовен мотив во едноставен израз со медитеранскиот шарм на италијанската канцона.

Кариерата ја започна со настапи на музички фестивали во 1960-тите. На фестивалот „Ваш шлагер“ во 1967 година настапува со песната „Лидија“ и ја освојува првата награда. Станува редовно лице на тој фестивал, на кој премиерно изведе многу свои песни („Земљо моја“, „Сарајево, љубави моја“ итн.). Во текот на 70-тите, Монтено ги издава хитовите, како „Свирај ми о њој“, „Лаж“, „Путовања“, „Адријана“, и ги пее на Опатискиот и Загрепскиот фестивал, каде што освојува бројни награди и признанија од публиката. Неговите албуми се продаваа во златни и платинести изданија.

Во 1973 година го објавува албумот „Музико, љубави моја“ за тогашниот „Југотон“. Песната „Једне ночи у децембру“ му е посветена на неговата сопруга Бранка, која му била школска љубов. Монтено продолжи вредно да работи во текот на 80-тите, кога ги редеше албумите еден по друг, а тогаш настанала и неговата позната песна „Није хтјела“.


Воените настани од 90-тите го затекнаа во Сараево, од кое на почетокот не можел да излезе, а потоа, како и многу музичари и негови пријатели, не сакал да излезе. Во тоа време не напишал ниту една песна, но ја испеал „Писмо пријатељу“, од авторите Златан Арсланагиќ и Златан Фазлиќ, која публиката ја преименувала во „Да ти рокну само двије“. Станува збор за стара љубовна песна која ја допишале споменатите двајца автори, а видеоспотот е снимен на скалите пред тогаш популарното собиралиште, кафулето „Фис“, во кое се дружеле Даворин Поповиќ, Мирза Делибашиќ и други познати личности од Сараево.

Во 1995 година, Монтено сепак ја прифаќа поканата од бројни загрижени колеги од Загреб, пред сѐ Арсен Дедиќ и Габи Новак, и со семејството се сели во Загреб. Истата година одржал концерти во „Лисински“, и тоа седум дена по ред.

Во 2000 година, „Кроација рекордс“ го објавува албумот „Хвала свима (Кемо и пријатељи)“, на кој се наоѓаат песни кои ги испеал во дует со Оливер Драгојевиќ, Арсен Дедиќ, Раде Шербеџија, групата „Црвена јабука“, Даниела Мартиновиќ, Габи Новак, Фуад Бачковиќ, Тереза Кесовија и Борис Новковиќ.


Напиша бројни песни и за своите колеги Арсен Дедиќ, Здравко Чолиќ, Оливер Драгојевиќ, Тереза Кесовија, Габи Новак, Неда Украден, Дражен Жериќ и многу други, а честопати токму неговите песни беа заслужни за успехот на неговите колеги.

Средината на деведесеттите настапуваше на Радискиот фестивал, а потоа и на Фестивалот на далматинска шансона во Шибеник. На „Мелодии на Мостар“ во 2003 година настапи со Паула Јусиќ и песната „Након толико година“, која го освои „Гран-при“, а на 10. фестивал „Мелодии на Мостар“ беше прогласена за Песна на деценијата. Неговиот следен албум „Дуње и колачи“ е наречен според песната која ја испеа со тогаш популарната група „Дивас“, а објавен е во 2004 година.

Со концертот со наслов „Кемо у Лисинском“, по десет години се врати во загрепскиот музички храм, а воодушевената публика пееше со него од првата до последната песна.
На крајот на 2012 година во сараевската „Зетра“ одбележа повеќе од 40 години кариера, а покрај него настапија Горан Бреговиќ, Здравко Чолиќ, Оливер Драгојевиќ, Дино Мерлин, Северина, Дражен Жериќ Жера, Раде Шербеџија и Ханка Палдум.

Неговиот последен студиски албум „Шта је живот“ на пазарот е од 2013 година, а песните „Јесен је“, „Мало мир, мало рат“, покрај насловната песна која речиси веднаш се наметна како хит, сѐ уште се дел од радискиот и телевиизкиот етер.

Кемал Монтено почина во јануари 2015 година од воспаление на белите дробови. Имаше 65 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот