на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

На денешен ден – 2 јуни: Британската кралица Елизабета Втора била крунисана во Вестминстерската катедрала

1624. – Роден е полскиот крал Јан Трети Собјески. Во текот на своето владеење, од 1674 година па сè до смртта во 1696 година, тој одиграл клучна улога во запирањето на напредувањето на Османлиското Царство подлабоко во Европа.

1584. – Во католичките земји на Светото Римско Царство постепено бил усвоен Грегоријанскиот календар, воведен од папата Григур XIII во 1582 година.

1740. – Роден е францускиот писател Донасјен Алфонс Франсоа де Сад, во историјата познат како Маркиз де Сад. Автор е на познатите романи „Јустина“ и „Жилиета“.

1789. – По донесувањето на Уставот на САД (1787), со кој се утврдиле начелата на државното уредување i надлежностите на претседателот, во САД се одржале првите федерални претседателски избори на кои убедливо победил Џорџ Вашингтон, прочуениот водач на Војната за независност.

1804. – Роден е рускиот композитор Михаил Иванович Глинка, творец на рускиот национален стил. Тој е автор на првата руска национална опера „Иван Сусањин“, а според истоимената поема на Александар Пушкин го напишал и либретото за операта „Руслан и Људмила“.

1840. – Роден е Томас Харди, еден од најголемите англиски писатели. Поради специфичниот реализам и извонредниот опис на амбиентот во неговите романи, тој се сметал за „последен викторијанец“. Неговите дела целосно го застапуваат трагично-фаталистичкиот поглед на светот, а меѓу најпознатите се „Под гринвудското дрво“, „Далеку од лудата толпа“ и „Градоначалникот на Кестербриџ“. Починал на 11 јануари 1928 година.

1857. – Роден е англискиот композитор i виолинист Едвард Вилијам Елгар. Негови најпознати дела се ораториумот „Геронтијусов сон“, концертните увертири „На југ“, „Енигma варијации“ и две симфонии.

1882. – Починал италијанскиот револуционер Ѓузепе Гарибалди, легендарниот водач на движењето за обединување на Италија.

1898. – Откако ја конструирал една од првите практични подморници, американскиот техничар Симон Лејк од подморница водел телефонски разговор со градоначалникот на Балтимор. Овој настан се смета за значаен чекор во развојот на подводната технологија.

1902. – Во селото Пателе, Леринско, во борба против турската војска, откако му привршила муницијата, се самоубил Диме Абдарманов, истакнат македонски револуционер. Тој бил член на ТМОРО од 1896 година, а во народот бил исклучително популарен како голем заштитник.

1904. – Роден е Џони Вајсмилер, американски пливач, ватерполист и филмски актер. Тој остана запаметен како најуспешниот и најпознат толкувач на ликот на Тарзан во серијата култни филмови. Починал во Акапулко, Мексико, на 20 јануари 1984 година.

1916. – Во Скопје е роден Јордан Николов – Орце, народен херој на Македонија. Тој бил еден од организаторите и раководителите на работничкото движење во Македонија. Во ноќта меѓу 3 и 4 јануари 1942 година, на пат за Македонија, бил убиен од заседа од страна на бугарскиот фашистички окупатор на планината Кукавица.

1924. – Американскиот Конгрес со закон им доделил државјанство на домородните народи (Индијанците) во САД, иако многумина веќе имале државјански статус преку други правни основи.

1946. – Италијанците на референдум со мнозинство гласови се изјасниле за републиканско уредување, со што официјално била отфрлена монархијата.

1953. – Британската кралица Елизабета Втора била крунисана во Вестминстерската катедрала во Лондон. Ова била првата ваква кралска церемонија во историјата која директно се пренесувала на телевизија.

1983. – Советскиот Сојуз лансирал нова вселенска сонда од сателит во орбитата на Земјата, наменета за детално истражување на планетата Венера.

1987. – Починал шпанскиот гитарист Андрес Сеговија, кој се смета за најголемиот мајстор на овој инструмент во 20 век. Тој приредувал концерти ширум светот и со своите извонредни толкувања на класичните мајстори ја сместил гитарата во редот на сериозните концертни инструменти.

1997. – Во Џорџтаун починал Адолфус Док Читам, една од последните американски џез легенди и водечки трубач во оркестарот на Кеб Келовеј. Тој бил роден во Нешвил на 13 јуни 1905 година.

1999. – Во Јапонија, по повеќедецениски јавни полемики, официјално била легализирана употребата на средствата за контрацепција.

2006. – Починал познатиот руски вајар Вјачеслав Кликов, кој бил еден од главните иницијатори и организатори на Деновите на словенската писменост и култура.

2012. – Египетскиот суд го осуди на доживотен затвор соборениот претседател Хосни Мубарак, под обвинение за корупција и за убиства на демонстранти. Мубарак беше првиот арапски лидер на кого му се судеше во неговата сопствена татковина.

2018. – Во Битола, на 92-годишна возраст, почина примариус д-р Димитар Котевски, еден од втемелувачите на современото здравство во градот i прв доктор на медицински науки во Битола. Тој има огромен придонес во формирањето на Универзитетот во Битола и Вишата медицинска школа, а за своите хуманитарни заслуги ја доби и државната награда „Мајка Тереза“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот