МЗ: Вакцинацијата е единствен начин да се спречи ширењето на делта сојот

Вакцинацијата е единствен начин да се спречи ширењето на делта сојот во земјава, а со тоа ќе се спречи и евентуален нов силен бран на вирусот. По детектирањето на 7 пациенти кај кои е утврдено присуство на индиската варијанта, се утврди дека тие не биле вакцинирани, што уште еднаш го потврдува фактот колку е потребно граѓаните што побрзо да се вакцинираат, се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Делта сојот е присутен во околу 100 земји во светот, оттука ние како држава не можеме да бидеме изземени од неговото ширење и кај нас. Состојбата во нашата земја, гледано од епидемиолошки аспект засега е мирна, секојдневно се следи ситуацијата и се прават анализи. Сепак, делта сојот има висока преносливост, оттука важно е граѓаните масовно да се вакцинираат. Сите официјални информации од меѓународните здравствени институции, домашни анализи на експерти во областа на вирусологијата и епидемиологијата, укажуваат дека единствен начин да се спречи ширењето на делта сојот или другите соеви на SarsCov2 е вакцинацијата. Сите вакцини кои ги има кај нас се безбедни признаени од СЗО и националните институти на земјите што ги произведуваат. Секоја вакцина е ефикасна и штити од тешка форма на болеста, компликации или смртен исход, додаваат оттаму.
Министерството за здравство апелира до граѓаните дека е важно да спрoведеме брза и ефиксна вакцинација, и затоа се упатува апел и повик до сите граѓани кои досега не се пријавиле за вакцинација или се двоумат, што побрзо да се вакцинираат. Вакцините се безбедни, ефикасни и единствен начин да ја одржиме состојбата стабилна. Веќе од понеделник 12 јули, вакцинацијата во државата ќе се одвива и без закажан термин, а ќе започне и теренската вакцинација така што вакцините ќе бидат достапни за секого и секаде.