Тина Тарнер / Фото: Фото: EPA-EFE/Sebastiao Moreira

Музичкото наследство на Тина Тарнер оди во рацете на Швеѓани: „Попхаус“ ги откупи правата на името и ликот на поп-дивата

Шведската компанија „Попхаус Ентертејнмент“ ги презеде правата на името, ликот и визуелниот идентитет на Тина Тарнер, како и поголемиот дел од правата на нејзиниот музички каталог од компанијата „Би-ем-џи“, беше соопштено во четвртокот. Коосновач на компанијата е Бјорн Улвеус од групата „АББА“.

Директорката на „„Попхаус“, Џесика Коравос, не сакаше да открие финансиски детали од договорот, ниту да прецизира какви се плановите со аквизицијата поврзана со Тина Тарнер. Сепак, изјави дека една од причините поради кои биле толку заинтересирани за Тина е нејзиното исклучително силно визуелно присуство и енергијата на сцената.

„Затоа сериозно размислуваме за проекти што можат да го пренесат тоа и на некој начин повторно да го создадат. Она што сакаме да го направиме е да помогнеме во зачувување и зацврстување на нејзиното наследство. Мислам дека Тина Тарнер е рамо до рамо, или ќе биде, со Елвис и Мерилин Монро“, изјави таа.

Тина Тарнер – Фото: EPA/STEFFEN SCHMIDT

Тина Тарнер, позната како кралица на рокенролот, почина во 2023 година на 83-годишна возраст. Во текот на својата долга кариера освои 12 „Греми“ награди, вклучувајќи и награда за животно дело, беше примена во „Рокенрол холот на славните“ во 1991 и 2021 година, а има продадено повеќе од 150 милиони носачи на звук ширум светот.

Разговорите за договорот со „„Попхаус““ започнале по нејзината смрт. Коравос изјави дека „Би-ем-џи“ и натаму задржува одреден процент од каталогот, додека имотот на Тина Тарнер бил информиран и вклучен во разговорите.

„Гласот и духот на Тина Тарнер ја обликуваа модерната музика и поп-културата“, изјави Алистер Норбери, претседател на „Би-ем-џи“ за Велика Британија, континентална Европа и Азија-Пацифик. „Наша одговорност е, заедно со „Попхаус“ и нејзиниот имот, да обезбедиме нејзиното дело да продолжи да одекнува кај публиката ширум светот“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот