Можен ли е пресврт, Алаба останува во Баерн?
Давид Алаба има договор со Баерн Минхен до идното лето, но медиумите изминатите месеци пишуваа дека преговорите околу новиот договор не одат во очекуваниот правец, дури и се прекинати поради големите разлики.
Алаба бара да биде најплатен фудбалер на Баерн Минхен, да има идентична плата како таа на Роберт Левандовски (23 милиони евра), додека управата на европскиот шампион не сака да слушне за тоа и му нуди годишна плата од 11 милиони евра, плус пет милиони евра во лесно остварливи бонуси.
Оваа сума всушност е идентична на акуелната плата на Алаба, 16 милиони евра, но австрискиот репрезентативец и неговиот агент Пини Захави се незадоволни од понудата и најавија дека по девет години ќе се разделат со европскиот шампион.
Но, денеска првиот човек на Баерн Минхен, Карл-Хајнц Румениге, најави нов пресврт и можно останување на Алаба но и открива дека доста екипи се заинтересирани за одличниот лев бек.
– Секој клуб со право размислува за засилувањата и нормално е врвните екипи да размислуваат за Алаба. На него е да ја донесе одлуката, дали ќе го промени клубот или ќе остане во Баерн. Ќе видиме – изјави Румениге.
Најголем интерес за Алаба пројавуваат дел од најголемите екипи во Европа како Барселона, Реал Мадрид, ПСЖ, Манчестер сити, Јувентус, Челси…