Мост на Улица Лондонска -Карпош 4 - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Мост на улица Љубљанска -Карпош 4 - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Мостовите што не водат никаде сѐ уште залудно „висат“ преку Вардар

Двата големи проекти, мостот на улицата Љубљанска и мостот „Генерал Михајло Апостолски“, чија реализација требаше да го растовари сообраќајот помеѓу општините, започнаа во мандатот на претходниот скопски градоначалник, но и четири години подоцна останаа неупотребливи и завршуваат пред куќите на населбите преку Вардар, поради неразрешени имотно-правни односи.

Два моста во Скопје моментално наместо да го олеснат сообраќајниот режим, служат само за ловење риби. Тоа е мостот на улицата Љубљанска, која треба да го поврзе Карпош со Злокуќани, а другиот е „Генерал Михајло Апостолски“ што се протега од Аеродром до Керамидница и кој пред две-три години доби име, но не и улица на која треба да се поврзе.

Двата големи проекти чија реализација требаше да овозможи побрз проток на сообраќај помеѓу општините, започнаа во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов, но и четири години подоцна останаа неупотребливи и завршуваат пред куќите на населбите преку Вардар, поради неразрешени имотно-правни односи.

Мост на Улица Лондонска -Карпош 4 - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Мост на улица Љубљанска -Карпош 4 – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Веднаш откако ја презеде градоначалничката функција, Данела Арсовска токму ова го посочи како пречка поради која не можат да се градат ниту мостот на Љубљанска ни мостот на булевар АСНОМ. Шест месеци подоцна таа се пофали дека речиси сите имотно-правни проблеми се решени и мостот во Карпош продолжува да се гради.

 Завршени се најголем дел од имотно-правните работи и изведувачот е воведен во градба. Трипартитниот договор што беше потпишан со изведувачот, Влада и Град Скопје го анексиравме затоа што не беше во согласност со Законот за градба односно немаше предмер на изведувачките работи, соопштија тогаш од Град Скопје.

Градските власти за изградба на овој мост во 2021 година добија средства од Владата преку програмата на ТАВ. Една година подоцна тогашниот премиер Димитар Ковачевски изврши увид во градежните активности и вети дека мостот ќе биде пуштен во употреба до крајот на 2023 година, но градот да ги заврши пристапните улици.

Работите тука запреа. Мостот е при крај, но не е готов. Од Град Скопје и од кабинетот на Арсовска не одговараат зошто досега не заврши изградбата.

Мост на Улица Лондонска -Карпош 4 - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Мост на Улица Лондонска -Карпош 4 – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Проектант на овој мост е професорот Горан Марковски, кој е независен кандидат за градоначалник на Скопје. Тој неодамна го посети мостот, покажувајќи што е недовршено на овој објект, затоа што Градот и Општина Карпош си ја префрлале надлежноста.

Ова се петте метри меѓу сообраќајницата и мостот на Љубљанска, кои никако да се завршат како резултат на препукувањата меѓу властите во врска со надлежноста. Скопјани сакаат функционални мостови, кои ќе го растоварат сообраќајот и ќе го олеснат поврзувањето меѓу различните делови од градот. Доста е од неодговорност, аматеризам и партиски препукувања – рече Марковски.

Довршување на мостот ветуваат и кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Орце Ѓорѓиевски тврди дека овој објект за шест месеци ќе биде ставен во функција, додека на „Генерал Михајло Апостолски“ сѐ уште има нерешени прашања со сопствениците на објекти во Керамидница и несогласувања со понудата што ја добиле од Град Скопје.

Тој смета дека со луѓето таму треба да се разговара, да се комуницира, бидејќи не може мостот вечно да остане споменик. За него се прифатливи и законски измени затоа што смета дека секогаш треба примарен да биде интересот на колективот наместо интересот на поединецот.

Мост „Генарал Михајло Апостолски“/ Фото: Принтскрин

Мостот меѓу Аеродром и Керамидница го изгради градоначалникот Шилегов, а Арсовска требаше да ја заврши експропријацијата и да изгради булевар кој ќе води до „Ист гејт мол“. Тоа ни ден-денеска не е направено, мостот е сѐ уште непрооден, а со повеќето сопственици на куќите каде што треба да минува булеварот не е ништо договорено.

Според неофицијални информации, затоа што Град Скопје никогаш јавно не обелодени колку пари им се нуделе за откуп на нивните имоти, понудата во времето на Шилегов била 350 евра за квадрат во услови кога квадратот станбена површина бил околу 800 евра во овој дел од градот, а потоа со Арсовска понудата се зголемила за уште околу 200 евра, кога цената на становите пораснала речиси двојно.

Поради тоа, за луѓето ова било неприфатливо, па во тек се судски постапки со Градот.

Мост Генарал Михајло Апостолски

Во март 2022 година Арсовска на прес-конференција, зборувајќи за преземените зафати на мостот во изминатите четири месеци, прецизира дека се спроведени градежни активности за асфалтирање на мостот и на улицата, извршено е затегнување на кабли, поставување осветлување и постаменти за канделабри. Покрај тоа, како што рече, поставена е заштитна и еластична ограда на мостот, а решен е и проблемот со регулацијата на речното корито. Извршени се испитувања на статичките и динамичките влијанија за мостот, обложени се столбовите со гранитни плочи, а од страната на Керамидница се завршени земјените работи. Но, според градоначалничката, најголем проблем била експропријацијата.

Имало 139 парцели и 136 објекти што требало да се решат или вкупно 275 постапки за експропријација. За три години претходното раководство успеало да разреши 31 предмет, а со осум предмети успеале да влезат во процес на спор. Ние само за 4 месеци успеавме да разрешиме 82 предмети – нагласи Арсовска.

Од Град Скопје сега не одговараат на нашите прашања до каде е решавањето на имотните прашања поврзани со мостот „Генерал Михајло Апостолски“ и колку досега се решени.

И овој мост, како и мостот на Љубљанска, е дел од кампањата на повеќето кандидати за градоначалници. Сите тие велат дека ќе ги доизградат мостот и улицата, но ниеден не ветува никакви рокови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот