Младинскиот додаток им помага на младите, но и на фирмите со милионски профити?!
Дел од производствените компании прават и по повеќе десетици милиони евра нето-добивка годишно. Целта на законската мерка е да се овозможи понатамошна поддршка на производствените дејности со обезбедување на дополнителна работна сила, како и поттикнување на младите луѓе да се вработуваат во овие дејности.
Владата оцени дека младинскиот додаток од 3.000 денари за вработените во производствената дејност и во земјоделството е добра мерка и затоа донесе регулатива со која овој додаток ќе исплаќа до крајот на 2028 година. Со претходното законско решение, оваа можност за аплицирање заврши на 31.12.2025 година. Младинскиот додаток и понатаму важи за лица до 23 години што се опфатени во задолжителното социјално осигурување, односно кои имаат пензиско и здравствено осигурување. Мерката има свои добри страни, но ја отвора и дилемата дали од фондот на Агенцијата за вработување треба да се трошат пари и за вработени во фирми со огромни добивки, кои реално и самите може да даваат поголеми плати и така да го стимулираат вработувањето во производствената дејност.
Препорачано
Од 2020 година, заклучно со 2025 година, 18.553 млади луѓе кои се вработиле во производствена дејност добиле решение за користење на младински додаток. Во просек, оваа помош ја користат 3.092 работници годишно, за што се трошат по околу 1,8 милиони евра.
Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи оценува дека бројката на млади што ја користат помошта е задоволителна и дека идејата е добра, а дали треба да постојат дополнителни критериуми за користење, тоа може да биде тема за размислување.
– Идејата е добра затоа што се стимулираат вработувања во производство каде што се создава новосоздадена вредност, а тоа овозможува раст на бруто-домашниот производ и повисок стандард на сите граѓани. Но, дали треба да има други критериуми, во смисла на одделни дејности во самиот производствен сектор, или пак да се зема предвид профитот на компаниите, тоа е прашање на кое нема едноставен одговор, но за кое можеби треба да се размислува. Факт е дека треба да се поддржат и големите компании со големи профити, затоа што тие може да инвестираат, да се борат со конкуренцијата – вели Димитров.
Дел од производствените компании прават и по повеќе десетици милиони евра нето-добивка годишно. Според податоците што ги објави порталот Пари во соработка со Бизнис-мрежа, вкупната добивка на 100-те најпрофитабилни компании во 2025 година изнесувала 881,1 милион евра, а добар дел се токму производствени фирми, а меѓу нив пак, најмногу се странски инвеститори. На врвот е британската „Џонсон Мети“ со нето-добивка од 73,1 милион евра, добивката на грчката „Титан Усје“ е 29,3 милиони евра, на скопска „Пивара“ каде што партнери се глобалните „Кока кола“ и „Хајнекен“, добивката е 26,9 милиони евра, Мермерен комбинат Прилеп, под капата на Грците направи профит од 12,6 милиони евра… Меѓу домашните компании се истакнува производителот на челични производи „ИГМ трејд“ од Кавадарци со добивка од речиси 26 милиони евра.
И покрај тоа што дел од странските компании остваруваат милионски профити, тие во правна смисла се регистрирани како домашни компании и работат според нашите закони. Оттука, нивните вработени имаат право на сите мерки и поволности што државата ги предвидува за работниците во домашната економија, вклучително и младинскиот додаток за лица до 23 години ангажирани во производствена дејност.
Инаку, дел од компаниите со високи профити во јавноста се препознаени како фирми што даваат и поголеми плати. Таков е примерот со „Цементарница“ или скопска „Пивара“. Но, за правните експерти со кои раговаравме, ако за овие со пониски плати има младински додаток, а за оние со повисоки нема – тоа може да се смета за дискриминација и да биде демотивирачко за компаниите што веќе дават повисоки плати. Исто, дискриминирачки би било ако фирмите ги раздвојуваме на оние со странски и со домашен капитал.
Парите за оваа мерка се обезбедуваат од Агенцијата за вработување и со новата регулатива е предвидено во просек годишно да се трошат малку повеќе пари од претходниве години, што значи дека постои оптимизам за зголемување на вработеноста во производствениот сектор. Имено, со законот на годишно ниво се предвидени по два милиони евра, или за 200.000 евра повеќе од исплатите на годишно ниво во претходните шест години. Сепак, индустриското производство во првиот квартал од годинава е помало за 2,3 проценти во однос на истиот квартал од 2025 година.
– Цел на предлогот на закон е да се овозможи понатамошна поддршка на производствените дејности со обезбедување на дополнителна работна сила, како и поттикнување на младите луѓе да се вработуваат во овие дејности. Имено, досегашната примена на Законот за младински додаток укажува на тоа дека со истиот се овозможи еден вид поддршка на домашното стопанство, кое се соочува со недостиг на работна сила. Дополнително влијанието на економската криза во стопанството предизвика негативни последици и потребата од примена на досегашното законско решение се покажа како важно во овој период заради што и се предлага донесувањето на овој закон чија примена ќе важи до крајот на 2028 година – образложи предлагачот во Предлог-законот кој се усвои.


