Митрополитот Јоаникие и Цетиње: Не сум јас аутсајдер…

Митрополит Јоаникие / Фото: МИА

Како што наближува 5 септември, датумот на устоличување на митрополитот на Српската православна црква (СПЦ) Јоаникие во манастирот Цетиње, тензиите во Црна Гора растат – пишува Душан Телесковиќ во белградски „Недељник“.

Според официјалните полициски податоци, минатиот викенд речиси 4.000 луѓе се собраа на Цетиње, претежно поддржувачи на канонски непризната Црногорска православна црква (ЦПЦ), барајќи церемонијата на устоличување на Јоаникие да не се одржи во тој град.
До јавноста беше испратена декларација од собирот, во која се наведува дека устоличувањето на Јоаникие нема да биде дозволено.

Протестот беше само еден од настаните што ја зголемија тензијата во Црна Гора. Така, неколку дена пред протестот на 19 август, дојде до дополнително влошување на ситуацијата кога претставниците на ЦПЦ влегоа во црквата на Ловќен за да служат празнична литургија. Црногорско-приморската Митрополија на Српската православна црква донесе одлука да не се служи литургија во таа црква, бидејќи нејзините претставници биле спречени во тоа.

Пред тоа, градоначалникот на Цетиње, Александар Кажелан, во отворено писмо до јавноста на 13 август изјави дека црногорското општество е „загрижувачки поларизирано“ и дека најавеното востоличување на Јоаникие како митрополит во Цетинскиот манастир дополнително ја искомпликува веќе комплексната ситуација.

„Никој, ниту државната власт, ниту верската заедница во манастирот Цетиње, кој е во сопственост на главниот град Цетиње, не смеат да го игнорираат овој факт, но и дека најавениот настан за устоличување на митрополитот е со високризик и дека тензиите се веќе многу подигнати“, рече Кажелан.

Пет дена подоцна, Црногорско-приморската Митрополија на СПЦ издаде соопштение потпишано од координаторот на Правниот совет на Митрополијата, Игор Балабан.

Тој изјави дека сопственоста на манастирот Цетиње секогаш ја имала таа Митрополија, односно СПЦ. Балабан, исто така, оцени дека секоја референца за наводната сопственост на главниот град на Цетиње над светилиштето е „обид да се измамат граѓаните“.

Иако постојат обиди сѐ да се прикаже како прашање на тензии меѓу двете цркви, всушност сите настани имаат политичка конотација. Така, во делот на црногорската јавност, настанот се перцепира како нов бран на влијание на Србија врз Црна Гора. Се тврди дека устоличувањето на Јоаникие е „круна на големосрпските напади врз Црна Гора“, а сѐ почесто поединци заклучуваат дека постои обид да се рашири планот за „српскиот свет“.

ЦПЦ има поддршка од поранешната влада, во која главниот збор го предводеше Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ, кој активно ѝ помогна на оваа организација. Цетиње, инаку, е единствениот град во кој не се одржуваа литургии.

Од друга страна, устоличувањето на Јоаникие на Цетиње е поддржано од актуелната црногорска влада на Здравко Кривокапиќ и најголемиот дел од владејачкото парламентарно мнозинство. Своевремено Кривокапиќ присуствуваше и на Саборот на СПЦ за „да ја пренесе желбата на верниот народ во ЦрнаГора“ да го замени Јоаникие, еден од водачите на литургијата, со Амфилохие, кој почина минатата есен.

Кривокапиќ неодамна изјави дека устоличувањето „не може да го спречат поединци на кои нешто им пречело цел живот“, потоа дека устоличувањето е едно од најдостоинствените дејствија што се случува и дека тоа е волја на народот.

Како одговор на протестот против неговото устоличување во Цетиње, Јоаникие во изјава на 22 август ги отфрли обвинувањата дека Србија го испратила во Црна Гора. Митрополитот посочи дека не е пратен од ниту една држава, туку од СПЦ.

„Јас не сум аутсајдер, јас сум роден во Црна Гора, државјанин на оваа земја“, истакна Јоаникие. Потсети дека бил ракоположен пред 22 години во манастирот Цетиње. „Не дојдов во Црна Гора од некаде да ја окупирам, како може мене да ми се припише тоа, од каде добив можност кого било да окупирам“, рече Јоаникие.

Иако овие тензии опстојуваат меѓу двете страни, се чини дека има некои поместувања во самата црква кои се толкуваат поинаку. Така, пред неколку дена, Синодот на СПЦ го разреши Гојко Перовиќ од функцијата ректор на семинаријата во Цетиње и од сите должности во ова училиште. Некои во оваа одлука гледаат наводно отстранување на персоналот и блиски соработници на Амфилохие, додека други испраќаат гласови дека сѐ е направено со цел да се намалат тензиите во Цетиње.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот