Мистериозната смрт на Џим Морисон: И ден-денес се шпекулира за тоа како завршил животот на рок-иконата!
На 3 јули 1971 година, рок-иконата Џим Морисон почина на 27-годишна возраст во Париз. Предвремената смрт на фронтменот на групата „Дорс“ го шокираше светот и ги остави неговите обожаватели во неверување. Но, прашањата поврзани со неговата смрт траеја многу подолго од краткиот живот што го имаше, пишува „Стил“.
Препорачано
Според официјалната верзија, неговата девојка, Памела Курсон, го пронашла мртов во када во нивниот париски стан. Француските власти изјавија дека причина за смртта е срцева слабост и тоа без извршена обдукција. Пред јавноста да дознае што се случило, Морисон тивко бил погребан на гробиштата Пер Лашез во Париз.
За некои, тоа изгледаше како тажен крај на голем човек. Морисон со години се борел со славата и зависноста. Откако наводно се соблекол на концерт во Флорида во 1969 година, бил обвинет за непристојно однесување, обвинение што тој го негирал. Заморен од притисокот што доаѓал со славата, Џим и Памела се преселиле во Париз во март 1971 година. Таму изгледало дека Џим конечно пронашол мир. Пишувал секој ден, на пријателите им изгледал среќен и здрав. На фотографиите направени во последните денови од неговиот живот изгледал негувано и во добра форма. Затоа повеќето биле шокирани кога на 3 јули изненадно починал. Но, не биле сите изненадени.
Додека биле во Париз, Џим и Памела очигледно им се вратиле на старите навики. Често го посетувале ноќниот клуб „Рокенрол циркус“. Некои сведоци тврдат дека всушност починал токму таму, а не во својот стан и дека потоа следело масовно прикривање на вистината.
Годините кои воделе до смртта на Морисон
Роден на 8 декември 1943 година, Џим Морисон не изгледал како личност која би станала рок-ѕвезда. Син на иден контраадмирал во американската морнарица, растел во строго семејство, но рано почнал да се бунтува. Иако имал одлични оценки и сакал да чита и пишува, уште како тинејџер почнал да експериментира со алкохол. По завршувањето на средното образование, неволно се запишал на универзитетот УЦЛА, и останал само за да избегне регрутација во Виетнамската војна. По дипломирањето во 1965 година, Морисон се насочил кон музиката. Деновите ги поминувал пишувајќи стихови, под дејство на дроги и на сонце со пријателите во Калифорнија. Заедно со тројца пријатели го основал бендот „Дорс“, инспириран од цитат на Вилијам Блејк: „Постојат работи што се познати и непознати; помеѓу нив се вратите“.
Истата година ја запознал Памела Курсон, која станала негова девојка и музичка инспирација. Ја нарекувал „космички партнер“.
Во меѓувреме, неговиот татко не го одобрувал изборот на кариера. Му напишал писмо во кое го повикувал да се откаже од музиката, оценувајќи дека нема никакви таленти во таа насока. Сепак, само две години по формирањето, „Дорс“ го објавиле првиот хит „Light My Fire“, кој се искачил на врвот на американската топ-листа. Оттогаш, бендот станал практично незапирлив – албум по албум, хит по хит. Морисон уживал во придобивките од славата, особено во вниманието од жените, но тешко се справувал со притисокот. Станал уште поголем алкохоличар, а користел и различни дроги. Сè кулминирало по инцидентот во Флорида во 1969 година, кога бил обвинет за соблекување на сцена. Додека му се судело во 1970 година, самиот запишал во една од своите тетратки: „Задоволството од настапите заврши“.
Набргу по пуштањето од притвор, го напуштил бендот и со Памела се преселиле во Париз, надевајќи се на нов почеток. Но, трагедијата била зад аголот.
Последните денови и мистериозната смрт
Во Париз, парот изнајмил стан во близина на реката Сена. Шетале, уживале во градот, а Морисон пишувал секој ден. Ноќите ги минувале по париските клубови. Иако се здебелил, на последните фотографии изгледал здраво и среќно. Изгледало дека паузата од музиката му годи.
Но, на 3 јули 1971 година, Памела Курсон го пронашла Џим мртов во кадата од нивниот стан. Повикала помош, но веќе било доцна. Француската полиција се сомневала во дрога, но Памела тврдела дека вечерта излегле на вечера и гледале филм, а потоа слушале музика дома.
Според неа, тој се разбудил болен, влегол во топла када, а таа продолжила да спие. Властите објавиле дека починал од срцева слабост, веројатно предизвикана од предозирање со хероин.
Без извршена обдукција, верзијата на Памела била прифатена како официјална. А кога и самата Памела починала три години подоцна од предозирање, се чинело дека тајните за смртта на Морисон заминале со неа.
Алтернативни верзии – што навистина се случило?
Во 2007 година, поранешниот новинар на „Њујорк тајмс“, Сем Бернет, кој тогаш бил менаџер на клубот „Рокенрол циркус“, изнел вознемирувачка верзија: Морисон не починал во кадата, туку во тоалетот од тој клуб.
Според Бернет, на 3 јули, околу 2 часот по полноќ, Морисон се сретнал со двајца дилери, по што заминал во тоалет и не се вратил. Кога вратата била насилно отворена, го пронашле онесвестен со пена и крв на носот. Присутен лекар изјавил дека се работи за предозирање со хероин. И други сведоци, како фотографот Патрик Шовал, сведочеле дека го виделе Морисон во клубот таа ноќ. Шовал дури рекол: „Мислам дека тогаш веќе беше мртов… Не сум сигурен, беше одамна…“. Беренет тврди дека дилерите инсистирале Морисон само „се онесвестил“. Но, наместо да повикаат брза помош, неговите луѓе го пренеле телото во станот и го ставиле во када додека Памела спиела.
Најприфатената верзија е дека Морисон и Памела ја поминале ноќта слушајќи музика и користејќи хероин – наводно шмркајќи го, бидејќи Џим се плашел од игли. Но, дозата била премногу силна. Некои тврдат дека Памела го ставила во када, надевајќи се дека топлата вода ќе го освести. Наводно, чекала до утрото да повика полиција и глумела дека не знае за неговата употреба на дрога. Други, пак, ја обвиниле Памела за неговата смрт. Но, според пејачката Мериен Фејтфул, нејзиното поранешно момче Жан де Бретеј бил тој што му го дал фаталниот хероин.
„Мислам дека беше несреќа. Сирото копиле. Хероинoт бил премногу силен? Да. И тој почина“, рекла таа.
Постои и теорија дека Морисон по грешка земал хероин мислејќи дека е кокаин.
Бидејќи никогаш не е извршена обдукција, а многу детали од таа кобна ноќ останале нејасни, низ годините се појавиле безброј теории на заговор. Некои дури веруваат дека ја лажирал сопствената смрт и дека се преселил во Њујорк да рецитира поезија или во Орегон каде отворил ранч под друго име.
На денешен ден, пред 54 години, почина Џим Морисон, но мистеријата околу неговата смрт и понатаму ги интригира луѓето ширум светот.


