Министерството за економија ги поправа слабостите нотирани од ревизијата
Министерот Бесар Дурмиши рече дека многу сериозно ги сфатиле препораките на ДЗР и ќе направат сè што е во нивна моќ да се заострат критериумите кои треба да ги почитуваат угостителските објекти, конкретно дискотеките и кабареата, доколку сакаат да работат законски
Министерството за економија и труд има рок од 90 дена да постапи по препораките на Државниот завод за ревизија, кој утврди голем број недостатоци во процесот на лиценцирање и категоризација на угостителските објекти, информира министерот Бесар Дурмиши. Тој рече дека многу сериозно ги сфатиле препораките и ќе направат сè што е во нивна моќ да се заострат критериумите кои треба да ги почитуваат угостителските објекти, конкретно дискотеките и кабареата, доколку сакаат да работат законски.
Препорачано
-Работиме на препораките и наскоро ќе имаме средсба со управителите на ноќните клубови за да ги информираме за измените во Законот за угостителство, кој предвидува многу построги критериуми. Секоја недела имаме средба и со Државниот пазарен инспекторат, кој е постојано на терен и ги контролира овие угостителски објекти. Ако не се придржуваат до новите критериуми, можно е и кривично да одговараат – посочи Дурмиши.
Минатата недела ДЗР посочи дека Законот не предвидувал задолжителна проверка на усогласеноста со минималните технички, санитарни, противпожарни и еколошки барања пред да се донесе одлука за категоризација и дозволи за работа на угостителски објекти, ниту механизам за проверка на почетокот на работата. Исто така, не предвидува задолжителен регистар на издадени дозволи за работа на угостителски објекти.
-Категоризацијата на угостителските објекти, како и обновувањето на важноста на одлуките за категоризација и лиценцирање, се спроведува по барање, без задолжително меѓуинституционално информирање и дејствување, што создава ризик од работење без исполнети услови или без валидни документи – стои во Извештајот на Државниот завод за ревизија за работата на Министерството за економија и труд за 2024 година.
Во 2024 година, Министерството за економија издало две лиценци за диско клубови, четири диско клубови на отворено, 16 кабареа, 31 решение за категоризација на ресторани и 42 решенија за категоризација на угостителски објекти за сместување. Во 2025 година, одземени се две лиценци за диско клубови, една лиценца за диско клуб на отворено и осум кабареа.
По стравотниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, беа најавени промените во Законот за угостителство, но тие поради локалните избори се уште не се донесени. Последните промени во Законот беа направени во 2008 година и избришани со „регулаторната гилотина“.
-Сите овие објекти имале одредени проблеми во своето работење, но законот е таков каков што е. Голем проблем е што процесот беше оставен на совесноста на самите апликанти при поднесувањето на документите, како и на совесноста на вработените, кои треба да проверат дали документите се веродостојни – изјави претходно заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Според него, новите измени ќе воведат построги критериуми, вклучувајќи формирање комисија слична на оние за хотели и ресторани, која ќе ја следи целата постапка за издавање лиценци, но и целокупната процедура за работа на ноќните клубови. Ристески нагласи дека е предвидено во комисијата да бидат вклучени повеќе институции, како што се ДСЗИ, ДПИ, МВР, општините и други надлежни органи. Со новиот закон ќе бидат воведени построги критериуми, а една од предложените мерки е создавање комисија, слична на оние за хотели и ресторани, која ќе прави проверка на техничките услови на клубовите, а ќе има и ригорозни казни за непочитување на прописите.


