Минчо Јорданов го префрла долгот за црквата „Св. Константин и Елена“ од Бетон во Ре-медика

Црквата „Свети Константин и Елена“ во Скопје / фото: Raso mk/Wikipedia

Градежната компанија „Бетон“ на бизнисменот Минчо Јорданов ќе го исчисти долгот кој кон неа го имаат Фондацијата „Св. Цар Константин“ и Македонската православна црква за изградбата на црквата „Свети Цар Константин и Елена“ во центарот на Скопје, пишува Фактор.

Долгот ќе го преземе болницата Ре-медика, која исто така е во сопственост на Јорданов. Одлуката треба да ја усвојат акционерите на градежната компанија на вонредното акционерско собрание, закажано за 18 октомври. Кога ќе се усвои, 270 милиони денари (4,4 милиони евра), кои фондацијата и МПЦ му ги должат на Бетон, ќе бидат отстапени како побарување кон Ре-медика. Болницата ќе треба на „Бетон“ да му го исплати целиот износ, со што ќе стане доверител во стечајната постапка во Фондацијата „Св. Цар Константин“, преку која се собираа пари за изградба на црквата.

„Се одобрува склучување на зделка со заинтересирана страна – склучување на Договор за отстапување на побарувањето со Приватна здравствена установа општа болница РЕ – МЕДИКА Скопје, во вкупен износ од 269.918.842 денари. Побарувањето, ДГ БЕТОН го побарува од Фондацијата Св. Цар КОнстантин и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, согласно Спогодба за регулирање на меѓусебните права и обврски 25.12.2020 година, стои во предлог-одлуката.

Според извори на Фактор, отстапувањето на побарувањето на Ре-медика треба да се изврши без дисконт на вредноста, односно со исплата на вкупниот износ што Фондацијата и МПЦ му го должат на „Бетон“.

Лани во ноември „Бетон“ побара да се отвори стечајна постапка затоа што не можеше да наплати 1,1 милион евра од фондацијата.

Црквата „Св. Константин и Елена“ требаше да почне да се гради во 2009-тата година, кога тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ го претстави планот таа да биде подигната на Плоштадот „Македонија“. По реакциите во јавноста, протестите и барањата за реципрочна изградба на џамија на скопскиот плоштад, беше предложена актуелната локација на црквата, во дворот на Домот на Арм. Изградбата почна во 2012 година, но запре откако почнаа да се таложат долговите. Во декември 2014-тата, тогашната Влада објави дека политичари, стопанственици и владици од Македонската православна црква – ОА, учествувале на донаторска конференција за доизградба на црквата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот