Милошоски прими тајванска делегација во Собранието, Кинеската амбасада остро реагира
Амбасадата на Кина во Македонија јавно реагира откако потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, се сретна со официјални претставници на Тајван во Собранието. Во реакцијата се вели дека „овој тежок погрешен чин го крши принципот ‘Една Кина’, политичка обврска што Северна Македонија ја презеде при воспоставувањето дипломатски односи со Кина“.
Препорачано
Собранието вчера официјално извести за средбата и за неа објави и на социјалните мрежи. Денес, по реакцијата од Кинеската амбасада, објавата на сајтот на Собранието беше недостапна, односно линкот водеше кон празна страница.
Иако на средбата присуствувале и пратениците Фатмир Битиќи и Рашела Мизрахи, реакцијата на Кинеската амбасада е насочена само кон Милошоски, чијашто функција е највисока.
„Забележавме дека потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Антонијо Милошоски, заедно со двајца пратеници, вчера се состана со делегација на таканареченото „Претставништво на Тајпеј во Италија“ во зградата на Собранието. Овој тежок погрешен чин го крши принципот „Една Кина“, политичка обврска што Северна Македонија ја презеде при воспоставувањето дипломатски односи со Кина и став што го потврдија претседателката Сиљановска-Давкова и претседателот на Владата на Северна Македонија Мицкоски, со што ја поткопува политичката основа на нашите билатерални односи. Исто така, испраќа погрешен сигнал до сепаратистичките сили кои се залагаат за „независност на Тајван“. Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија го изразува своето силно незадоволство и категорично противење“, пишува во обемната реакција на Амбасадата.
„Принципот на суверенитет претставува камен-темелник на Повелбата на ОН. Принципот „една Кина“ одамна стана универзално признат консензус на меѓународната заедница. Билатералните политички обврски и меѓународните обврски мора искрено и во целост да се почитуваат. Откако долго време беше министер за надворешни работи и претседаваше со Комисијата за надворешна политика, потпретседателот на Собранието Милошоски требаше да биде апсолутно свесен за исклучителната важност и чувствителност на прашањето за Тајван, целосно почитувајќи го суверенитетот на која било друга држава и почитувајќи го меѓународното право. Сепак, она што неодамна го видовме е несфатливо – инсистираната посета на Тајван во официјален капацитет, игнорирајќи ги постојаните силни приговори на Кина минатата година, и овој пат средбата со таканаречените претставници на тајванските власти во зградата на Собранието, национално законодавно тело – обезбедува платформа за политичка театралност на сепаратистичките сили кои се залагаат за „независност на Тајван“. Имаме доволно причини да се запрашаме во кој правец потпретседателот на Собранието има намера да ги насочи нашите билатерални односи?“, велат од Кинеската амбасада.
„Господинот потпретседател често се фали дека е избран претставник, тврдејќи дека ја претставува волјата на македонскиот народ. Тогаш, Ве молам внимателно слушајте го гласот на народот. Дали грубото кршење на политичките ветувања и договорните обврски е во корист во заштита на меѓународниот имиџ на Северна Македонија? Дали последиците од отвореното поткопување на основните интереси, територијалниот интегритет и националното достоинство на голема сила – додека се повредуваат чувствата на над 1,4 милијарди на пријателски кинески народ – се темелно проценети? Дали напуштањето на огромен пазар, идните можности за развој и ветувачките перспективи за соработка – овој кратковид чин на „штеди на ситно, губи на крупно“ – е навистина во согласност со фундаменталните и долгорочни интереси на македонскиот народ?“, прашуваат од амбасадата.
Односите на Македонија и Кина беа сериозно нарушени во 1999 година, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Љубчо Георгиевски, во која беше и Демократска алтернатива на Васил Тупурковски, донесе контроверзна одлука да ја признае независноста на Тајван. Кина, како одговор, ги прекина дипломатските односи со Македонија, а одлуката имаше далекусежни последици за земјава. Кинезите нешто подоцна во Советот за безбедност на Обединетите Нации ставија вето на продолжувањето на мисијата на ООН УНПРЕДЕП во Македонија, поради што кризата на Косово и бранот бегалци што следеше, како и НАТО-бомбардирањето на тогашна СР Југославија, ги дочекавме без распоредени мировници на Обединетите Нации, кои беа значајна безбедносна гаранција.


