Антонио Милошоски / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

Милошоски одговори на острите критики од Кина откако прими Тајванци во Собранието

По јавната реакција на амбасадата на Кина во Македонија за приемот на официјални претставници на Тајван во македонското Собрание, потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски во изјава за „Слободен печат“ вели дека нашите политики кон Кина остануваат непроменети.

„Прво, официјалната политика на Македонија кон НР Кина останува непроменета, со почитување на принципот на нивната сувереност и територијалниот интегритет на една Народна Република Кина. Уверен сум дека заедничките проекти и соработката во сите области ќе продолжат со несмален интензитет, од кои двете држави како рамноправни партнери ќе имаат взаемна корист.

Второ, избраните претставници во Собранието на Р.Македонија имаат легитимитет и право да остваруваат средби со секој добронамерен поединец или делегација, а се со цел да се искористи потенцијалот за размена на мислења околу меѓународните теми и да се потенцира ставот дека мирољубивиот дијалог за било кое прашање е подобар од било какви можни воени тензии или воени конфликти. Во тој дух и во знак на благодарност за нивната поддршка на Универзитетската клиника за педијатрија, беше остварена и средбата со претставниците од Канцеларијата официјален Тајпеј во Рим, а на која учество земаа пратениците Рашела Мизрахи, Фатмир Битиќи, и мојата маленкост, Антонијо Милошоски“ вели Милошоски во изјава за „Слободен печат“.

Според него, различните мислења и ставови се нешто вообичаено во секое демократско општество, па затоа, смета дека ваквите средби ќе бидат разбрани и од претставниците на НР Кина како можност за добивање на повеќе информации за теми кои го привлекуваат вниманието на пошироката меѓународна дипломатска јавност.

Во долгата и остра реакција од кинеската амбасада, се вели дека „овој тежок погрешен чин го крши принципот ‘Една Кина’, политичка обврска што Северна Македонија ја презеде при воспоставувањето дипломатски односи со Кина“.

Иако на средбата присуствувале и пратениците Фатмир Битиќи и Рашела Мизрахи, реакцијата на Кинеската амбасада е насочена само кон Милошоски, чијашто функција е највисока.

Милошоски прими тајванска делегација во Собранието, Кинеската амбасада остро реагира

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот