Ова е милениумското мени за јубилејот на Бигорски манастир: Ладни и топли предјадења да излижете прсти, риба како главно јадење

Трпезата за милениумската прослава на манастирот „Св. Јован Бигорски” ќе биде во духот на светилиштето и празничната свеченост. Гостопримливоста на домаќините ќе се огледа и на масите на кои ќе биде послужена храна. Сé во духот на традицијата и вкусот на македонската кујна.

Предизвикот им беше доверен на најдобрите готвачи кои работат во реномирани македонски ресторани. Менито за славеничката трпеза го подготвија петмина мајстори на кулинарството од здружението MCC (Macedonian culinari chef). Тие два дена престојуваат во манастирот и работат под полна пареа.

Шефовите-готвачи велат дека пред составување на менито, се водело сметка на дадените препораки и тоа да биде во склад со манастирските правила кога е во прашање исхраната. На трпезата нема да има црвено месо, а јадењата ќе бидат направени, главно од продукти кои монасите и монахињите сами ги произведуваат.

Готвачите велат дека послужената храна го има традиционалниот вкус на македонската кујна, но ќе има мали измени кои се во склад со новите гастрономски трендови. Работата на врвните мајстори на кулинарството: Зоран Андонов, Бобан Симоноски, Никола Мишковски, Деан Карапеев и Зоран Мајновски ја следи отец Захари кој дава насоки.

Славничкото мени што ќе биде понудено на гостите ќе оди според манастирскиот ред:

Ќе се започне со златна капка, а за аперитив ќе биде послужена познатата Бигорска мастика и ликерите што се прават во манастирската економија. Салатата ќе биде микс од сезонски артикли и зеленчуци. Неизбежни ќе бидат месените продукти: пита сарајлија, питулици и ѓомлезе. Меѓу ладните предјадења ќе се послужат: домашен ајвар, пинџур, сирење, кашкавал, пиперки полнети со кајмак и бајалдии (полнет црн патлиџан). За лажица или топло предјадење ќе има чорба (потаж) од тиква со која ќе се служи и кисело млеко. На трпезата секако ќе се најде и манастирски леб, кој се подготвува според стар рецепт.

Главното јадење во основа ќе биде риба, па покрај печено парче риба, ќе има кромидарник со димен крап во глинено грне и сето тоа придружено со гарнир од зеленчук. Десертот ќе биде посен, во духот на традицијата, па за да се заблажи закуската ќе се послужи варена тиква со мед и ореви.

МЕНИ:

1. аперитив

2 салата микс од свежи зеленчук

3. месени јадења: пита сарајлија, питулици, ѓомлезе

4. мезе: ајвар, пинџур, сирење, кашкавал, пиперки со кајмак бајалди (полнет модар патлиџан)

5. чорба (потаж) од тиква со кисело млеко од страна и манастарски леб

6 Главно јадење: парче риба, кромидарник со димен крап во грне и гарнир од зленчук

7. десерт: тиква со мед и ореви

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот