Милена Стевановиќ: Ефектите од Ремдесивир-задоволителни

За да се даде генерален заклучок од успешноста во делотворноста на Ремдесивирот кај Ковид-19 пациенти, потрбен е подолг временски период и поголем број на пациенти каде истиот ќе биде спроведуван.

Министерството за здравство најави набавка на лекот ремдесивир, кој помага во лекувањето на ковид-19, но директорката на Инфективната клиника, д-р Милена Стевановиќ, нагласува дека лекот во никој случај не смее да се дава во домашни услови.

Лекот „Ремдесивир“ што лекува Корона не се продава во аптека

Во интервју за „Слободен печат“ таа посочува дека терапијата со ремдесивир не е применлива кај секој пациент заболен од коронавирус.

Дали на пациентите заболени од ковид-19 хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, им се дава лекот ремдесивир?

– Прво е многу значајно да се истакне дека ремдесивир не е лек што може да се дава во домашни услови. Се дава интравенски и неопходно е следење на пациентот за време на неговото аплицирање. Ремдесивир е достапен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје, се дава кај пациенти каде што е поставена индикација за негова примена и според дадените услови од протоколот за рандомизација, ги исполнувале критериумите за спроведување на третманот.

Врз основа на што се одлучува дали некој пациент ќе биде третиран со ремдесивир?

– Терапијата со ремдесивир не е применлива кај секој пациент болен од ковид-19. Таа се спроведува кај секој пациент што во однос на клиничката симптоматологија, временскиот период од развој на болеста, лабораториско биохемиските анализи, како и процената на имунолошкиот одговор на пациентот, би бил оценет, од страна на доктор специјалист, дека би можело да ги исполнува критериумите за да биде рандомизиран за овој третман. Во однос на процената што ќе ја направи докторот за одреден пациент, најнапред се издава информирана согласност за лекот до самиот пациент (затоа што секој лек што не е специфициран за одредена болест, ја бара и согласноста на пациентот). Следна фаза е доколку се добие одобрение од пациентот дека се согласува за примена на терапијата (по претходно негово информирање од медицинско лице за сите придобивки и можни последици од третманот), докторот акумулира соодветни информации што се бараат по протоколот за рандомизација на пациенти. По добиен одговор, доколку е позитивен, односно доколку пациентот ги исполнува критериумите за третман, тој се спроведува. Исто така, се селектираат и низа коморбидности, кои доколку ги има пациентот во корелација со фармаколошките третмани, за нив би можеле да не дозволуваат терапијата да биде спроведена, всушност од низа фармаколошки интеракции меѓу лековите што би настанале, како преегзистирачки заболувања што се наведени, а кои би можеле да бидат контраиндикација за користење на третманот.

Дали овој лек има несакани дејства?

– Ремдесивир, како и секој друг лек, може да има несакани ефекти, најчесто се благи и траат само неколку денови. Најчесто се тоа гастроинтестинални тегоби (губење на апетитот, гадење и повраќање, течна столица или опстипација) или општи тегоби (тремор, чешање, главоболка, вртоглавица). Но, некои пациенти можат да имаат и сериозни несакани ефекти, кои покажуваат промени во крвната слика, во параметрите на бубрегот и на црниот дроб. Постојат и преегзистирачки заболувања кај одредени пациенти, кај кои постои контраиндикација или ризик од употребата на овој лек, како, на пример, пациенти со заболувања на црниот дроб, заболувања на бубрезите и др. Исто така, понекогаш неповрзано за основното заболување што го има пациентот, но во зависност од терапијата што ја зема за одредена болест, важно е да се отфрлат можните интеракции меѓу лековите.

Дали овој лек е поевтин во однос на другите лекови што се применуваа кај заболени од ковид-19 и дали е забележано напредок во лекувањето по примање ремдесивир?

– За да се дискутира дали нешто е поскапо или поевтино, важно е со што и со кој лек ќе се прави компарацијата. Како и секој специфичен лек што се ординира, цената е очекувано да е повисока во однос на сите лекови што се ординираат почесто на пазарот. Во однос на ефектите што се постигнати, како што наведов и претходно имајќи ги предвид времето на појава на лекот за достапност на употреба во државата, бројот на пациенти што во изминатиов период биле поставени на терапија со ремдесивир е задоволителен, како и одговорот од третманот со него. Дел од нив се веќе испишани како здрави, досега нема забележани несакани реакции од терапијата со него. За да се даде генерален заклучок од успешноста во делотворноста на ремдесивирот кај ковид-19 пациенти, потребен е подолг период и поголем број пациенти каде што ќе биде спроведуван. Уште еднаш, мора да напоменам дека ремдесивир не се зема во домашни услови, се прима интравенски, а за целото времетраење на терапијата, неопходно е пациентот да биде следен од лекар.

Ремдесивир – од шкарт до лек за Ковид-19

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот