Мики Рурк остана без куќата во Лос Анџелес откако одби 100.000 долари од донации за да ја плати киријата
Холивудскиот актер Мики Рурк останал без куќата во Лос Анџелес, откако судот пресудил во корист на сопственикот на имотот и му ја вратил куќата што актерот претходно ја изнајмувал, пишува „Дејли мејл“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според судските документи до кои дошол „Пејџ сикс“, имотот на улицата Дрексел повторно е под контрола на сопственикот Ерик Т. Голди. Одлуката била донесена во понеделник на Вишиот суд на округот Лос Анџелес, автоматски, бидејќи Рурк наводно не се појавил на суд и не одговорил на тужбата пред истекот на рокот.
Според документите, пресудата се однесувала само на враќање на поседот над куќата, а не и на евентуална исплата на отштета.
Судското решение уште во декември наложувало актерот во рок од три дена да ја напушти куќата или да го подмири долгот од 59.100 долари за заостаната кирија.
Седумдесет и тригодишниот актер бил виден во јануари како ги изнесува своите работи од куќата, а следниот ден се појавил и камион за преселба. Во тој период „Пејџ сикс“ објави дека ѕвездата од филмот „Железен човек 2“ престојува во луксузен хотел во Холивуд, каде ноќевање чини најмалку 550 долари.
Во меѓувреме, на платформата ГоуФаиндМе била покрената кампања во негово име со цел да се соберат 100.000 долари за да се спречи иселувањето. Кампањата ја започнала Лија-Џоел Џонс.
Сепак, Рурк остро демантирал дека има каква било врска со собирањето пари. Во видеото објавено на Инстаграм во јануари изјавил дека не бара „никаква милостина“ и нагласил дека тоа нема врска со него.
Држејќи мало куче во рацете, тој рекол дека „не би знаел што е ГоуФандМи ни за милион години“ и дека има „премногу гордост“ за да бара помош. Додал дека неговиот живот е едноставен и дека не би барал финансиска поддршка на таков начин.
Неговата менаџерка Кимберли Хајнс во јануари изјавила за ТМЗ дека Рурк, иако има бројни понуди за работа, одбива ангажмани кои не се доволно добро платени и наводно не сака да работи за помалку од 200.000 долари дневно.
Еден извор за „Дејли мејл“ изјавил дека актерот „е богат сиромав човек“, додавајќи дека со години живеел како рок-ѕвезда, со многу алкохол и дрога. Според истиот извор, Рурк има можност да заработува големи суми снимајќи филмови или учествувајќи во телевизиски забавни емисии, но парите ги троши толку брзо што повторно се наоѓа на почетокот токму кога ќе почне да заработува.


