Михајловски: Не добивме никаква помош, ја најавив оставката, но нема да го оставам Вардар

Михајло Михајловски со сите сили се бори РК Вардар 1961 да биде на здрави нозе/Фото: Слободен печат

Поради долгови како што наведува Европската ракометна федерација Вардар 1961 не го доби правото следната сезона да игра во Лигата на шампионите. Поранешниот извршен директор на клубот, Давор Стојаноски вели дека одлуката на ЕХФ е некоректна и дека не се однесува на наводен долг.

Денеска првиот човек на клубот, Михајло Михајловски на прес конференција (на која учествуваше и ракометарот на тимот, Стојанче Стоилов) кажа повеќе детали околу сегашната тешка ситуација на Вардар чии играчи изминатиот период се ставија во неизвесност, и оние најавени потврдени засилувања, дали ќе го носат „црвено-црниот“ дрес.

Михајловски го најави Владо Недановски за тренер на екипата, освен доколку не се предомисли досегашниот кормиар Давид Дејвис кој повеќе посакува да го води тимот во ЛШ.

– Сведоци што нè снајде, давав изјави од Келн, се огласивме со официјално соопштение, некои работи да кажам, што направивме овие две години кога го презедовме вардар и тоа што ни се случи овој период. Со почитување кон Сергеј Самсоненко кој со Вардар успеа да освои две титули европски шампион. Човекот од свои причини го остави клубот, а јас како бивш спонзор, се нафатив да го спасувам клубот. Знаевме што е цел да се постигне, да се биде меѓу 16 најдобри во Европа.

Во договор со градските институции, без нивните ветувања и цврсти одлуки јас немаше да се нафатам, знаев колку треба средства имам, колку можам со спонзорите да обезбедам. Знам каква е состојбата во бизнисот, во лошо време за клубот влеговме, во пандемија, енергетска, економска криза, па руската агресија..Имаше луѓе кои ме убедуваа, но не добив никаква помош. Барем 40-45 посто очекував дека ќе добијам помош, со своја доблест да го реализираат тоа. Овие две години, голема благодарност до спонзорите кои го помагаа клубот овие две години, меѓу главните спонзори како „Ватростална“, „Комерцијална Банка“, „МА Гаминг – Адмирал“ и „Еуроникел“. Компании, секоја помагаше според своите можности помагаа – изјави Михајловски.

На Михајловски му е чудна одлуката на ЕХФ, ваквото исклучување од ЛШ, затоа што клубот претходно не беше предупреден дека може тоа да се случи доколку се задоцни со уплатата.

– Потпишавме со четири играчи за новата сезона, Дуарте, Цехте, Андреев и Анѓелиќ, бев убеден дека за 20% ќе биде посилни, не само поради засилувањата, туку поради актуелните играчи кои се воиграа. Така се планираше до 17 јуни, по што бевме непријатно изненадени. Се сретнав со Видерер во Виена и за време на Фајнал-фор турнирот во Келн, овие од Западот поинаку размислуваат. Плативме 500.000 евра на 31 мај за кои имавме рок до 15 мај. Чудно и симптоматично за мене беше што никој од ЕХФ не објави, дека доколку не платиме, нема да играме. Во првата година имавме перипетии, но потпишав дека ги преземам долговите од 2,5 милиони евра.

Во втората година бевме условени со депозит од еден милиони евра. До нашиот клуб не дојде ниту една тужба од играчите. Никогаш не било децидно, доколку не ми платите до тогаш, ќе ве дадам на суд. Имавме состанок со играчите, мораме и понатаму да размилуваме за иднината, не би сакале да размислуваме на згаснување, сакаме да се натпреаруваме, да направиме врвна екипа која ќе се бори за титули.

И пред да се случи ова, моја лична замисла беше да се спаси Вардар, да биде на здрави нозе. Сакам да се повлечам од клубот, бидејќи сум инволвиран во бизниси. И пред играчите ја најавив оставката, но нема да го оставам клубот, сакам првенствено со Самсоненко да ги завршиме работите. Да не биде догодина повторно истите проблеми, сакам во следните 2-3 месеци да биде исплатено на секого. Вкупно 37 компании добија покани да бидат спонзори на Вардар. Апелирам до Влада, градот, до моќни компании да му помогнат на Вардар да продолжи традицијата да биде македонски спортски бренд – рече пред медиумите Михајловски.

Борко Ристовски ќе биде тренер на голманите, а ќе брани доколку има потреба. Во продолжение составот на Вардар за сезоната 2022/23.

Голмани: Мартин Томовски и Васил Гогов, Борко Ристовски
Десни крила: Гоце Георгиевски, Ален Ќосевски и Дарко Ѓукиќ
Десни бекови: Куни Моралес и Давид Савревски
Средни бекови: Мартин Карапалевски, Стефан Додиќ (сака да остане, но треба дозвола од Келце) и Анте Гаџа
Леви бекови: Филип Талески и Марко Мишевски
Леви крила: Тимур Дибиров, се очекува да биде ангажирано македонско лево крило
Пивоти: Стojанче Стоилов, Стефан Атанасовски и Милан Лазаревски

Стоилов: Бездушно нè казнија од ЕХФ, не се свесни каква е ситуацијата кај нас

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот