Мицкоски: Народот се обединува околу промените

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митинг од Конче порача дека народот се обединува околу промените и вети дека новата влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ ќе стори се криминалците да одговараат пред законот.

Тој порача дека двете партии кои сега ја сочинуваат Владата време е да заминат во опозиција.

-Ги слушате пораките од Мала Речица, од ДУИ, тие велат дека требало да се слуша народот. И да ние го слушаме народот, народот и во тој случај донесе правилна  одлука и испрати јасна порака дека Гордана Силјановска Давкова, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има за 20% повеќе гласови отколку што имаат двајцата провладини кандидати односно владини кандидати, а тоа се Бујар Османи и Стево Пендаровски заедно. Односно 363.000 наспроти 301-302.000 од прилика колку што имаат тие двајца заедно, рече Мицкоски.

Тој посочи дека пораката од граѓаните е јасна, правецот по кој што треба да се движи Македонија е јасен. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата повикуваат на уште поголема поддршка од граѓаните во вториот круг.

-Заедно да ја завршиме историјата која што ја започнавме уште пред неколку години односно пред 30-тина месеци за време на локалните избори кои што се случија во 2021 година, порача тој.

Мицкоски укажа дека на ВМРО-ДПМНЕ најважна е поддршката на народот.

-Време е заедно со вас граѓаните да ставиме точка на оваа историја, бидејќи таа точка ќе ја определи траекторијата по која што ќе се движи Македонија – дали Македонија ќе биде горда, достојна, трансформирана, онака како што сите ние сакаме да ја видиме нашата држава, или ќе биде ограбена, обесправена, понижена, омаловажена како што беше досега изминативе 6 ипол години, додаде тој.

Тој посочи дека според резултатот од првиот круг на претседателски избори е јасно по кој пат граѓаните одлучија Македонија дека треба да се движи.

-Мојата порака е до нашите сограѓани Турци, знам дека овде Бујар Османи освои 100 гласа и знам дека прилично беа активни некои од функционерите на турската партија овде во општина Конче, и ги бараа гласовите за Бујар Османи. Јас ќе споделам со вас нешто кое што не сум го зборувал досега но мислам дека треба да се знае, а тоа е следново, претседателот на турската партија кој што подоцна заврши во прегратките на Али Ахмети, пред да заврши таму беше кај мене. И кога дојде кај мене ми рече претседателе доаѓам од средба со Али Ахмети и сакам да знаете дека на тој човек му треба медицинска нега, тој е ваков, таков, почна да го навредува и да користи недолични зборови, рече Мицкоски.

Тој додаде дека му се заблагодарил на средбата и веќе никогаш му се нема јавено за да разговараат.

-А, следниот ден од медиумите прочитав дека тој отишол во прегратките на овој за кој што велеше дека му е потребна медицинска нега. И таму потоа продолжи да функционира како политичар, појасни Мицкоски.

Мицкоски вети дека новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ ќе направи се за да криминалците одговараат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот