Безбедносни камери во Скопје / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Мицкоски му порача на Ахмети да не калкулира со човечки животи, ДУИ да гласа за „Безбеден град“

Благодарност до македонските граѓани што го почитуваат овој проект и очекувам многу човечки животи да бидат спасени. Не очекувам политичко калкулантство кога станува збор за човечки животи, рече премиерот Христијан Мицкоски, алудирајќи на одложувањето што го побараа „интегративците“ за да ги изгласаат измените Законот за прекршоци

Премиерот Христијан Мицкоски му порача на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека не очекува политичко калкулантство со човечки животи, откако „интегративците“ прво се согласија да гласаат за измените во Законот за прекршоци, за подоцна да побараат дополнително време за консултации.
За измените на овој Законот е потребно двотретинско мнозинство, односно и гласовите на опозициските пратеници од ДУИ, а тие се клучни за намерата на власта од 1 февруари да почне да се спроведува во практика проектот „Безбеден град“.
Мицкоски го потсети Ахмети и дека на лидерската средба безусловно било договорено ДУИ да гласа за законот.

Мицкоски: Беше договорена безусловна поддршка

 

– Тоа што беше договорено на лидерската средба беше безусловно договорено дека ќе биде поддржано. Споменаа дека постоеле амандмани за кои потоа со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски констатиравме дека не постојат. И покрај тоа, вчера имаше состанок и, бидејќи Тошковски е отсутен од Македонија, на состанокот се вклучи телефонски, па беа разјаснети сите нејасни работи. Очекувам Законот за прекршоци да помине веќе на следната собраниска седница – рече Мицкоски.

Тој повтори дека за усвојување на измените на Законот е потребно двотретинско мнозинство, но не и Бадентер и дека очекува од 1 февруари „Безбеден град“ да стартува. Премиерот рече и дека очекува на почетокот да има одредени нивелирања на проектот, бидејќи станува збор за процес, но и дека, како Влада, се исклучително задоволни од случувањата во пробниот период. Тој повтори дека, споредбено, во декември 2025 година на територијата на Скопје имало нула жртви во сообраќајни несреќи, а во декември 2024 година загинале петмина.

– Благодарам до македонските граѓани што го почитуваат овој проект и очекувам многу човечки животи да бидат спасени. Не очекувам политичко калкулантство кога станува збор за човечки животи – рече Мицкоски.

Од ДУИ остануваат на ставот дека се потребни дополнителни консултации. Како што веќе објавивме, дел од забелешките на ДУИ се поради неусогласеноста на хоризонталната сигнализација со системот „Безбеден град“, но и поради пораките за прекршоци што возачите ги добиваат само на македонски јазик наместо да бидат двојазични.

 

Народниот правобранител останува блокиран, за „Безбеден град“ се чека „пас“ од ДУИ следната недела

Во ДУИ се премислуваат

На лидерската било договорено ДУИ да ги поддржи законските измени и паралелно да се коригира хоризонталната сигнализација. Потоа, со дополнителни измени на Законот да се интервенира во законското решение. Но, од ДУИ сега калкулираат – или да има измени на Законот или да се оди со целосно нов закон, што реално е тешко остварливо.
Од ДУИ нема издржано образложение зошто првично дадоа поддршка за измени на Законот за прекршоци, а потоа се премислија. По вчерашната координација бил известен претседателот на Собранието Африм Гаши за да ја закаже седницата и законот да помине. Но попладнето, по интервенција на пратениците Блерим Беџети и Муса Џафери, се изјаловил планот Законот да помине на пленарна седница.
Според информациите од Собранието, ВМРО-ДПМНЕ нема намера да свика нов состанок на координаторите на парламентарните партии за оваа цел. Се планира тој да биде ставен на пленарна седница следниот петок.

За барањето на невладини организации „Безбеден град“ да регистрира и други прекршоци, како што се фрлање догорче или ѓубре од автомобил во движење, премиерот рече дека засега со проектот ќе се казнува само за прекршоци што се законски регулирани.

– „Безбеден град“ ги регистрира прекршоците што се дефинирани со закон. За „Безбеден град“ да регистрира други прекршоци или сторени кривични дела, ќе треба да се интервенира во законите. Очекуваме да поминат почетните фази, усогласувањето и нивелирањето, кое можеби ќе трае неколку месеци, потоа може да влеземе во следната фаза – рече Мицкоски.

Премиерот уште не одредил датум кога ќе се види очи в очи со Ахмети

 

За најавената средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, премиерот рече дека датумот сè уште не е определен.

– Јас во моето редовно политичко функционирање се среќавам со лидери на политички партии, така што во рамките на тие средби претпоставувам ќе се сретнеме и со господинот Ахмети. Немаме определен датум за средбата – рече Мицкоски.

На лидерската во средата што се одржа во Клубот на пратеници, Ахмети издејствува средба очи в очи со премиерот. Како што веќе објавивме, на средбата лидерот на ДУИ на маса пред Мицкоски ќе ги стави барањата за избор на влада со Бадентерово мнозинство, потоа Уставниот суд одлуките да ги носи со двојно мнозинство за законите коишто се донесени со Бадентерово мнозинство, како и темата – нов национален договор за прогрес на државата.

Ахмети се избори за дополнителна средба очи в очи со Мицкоски, на лидерската падна договор за нов Изборен законик

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот