Лидерска средба / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Ахмети се избори за дополнителна средба очи в очи со Мицкоски, на лидерската падна договор за нов Изборен законик

Се разговараше за народниот правобранител, прашање што треба да се реши преку дополнителни консултации со координаторите на парламентарните партии. Ние сме за една изборна единица, но со праг од 5 отсто и со отворени листи. Остатокот од прашањата што сакав да ги отворам, се одлучив дополнително да се договорам со Мицкоски, да разговараме во иднина. Секако тоа ќе биде тет-а-тет средба, рече Ахмети по средбата.

Следните парламентарни избори, кога и да се одржат, да бидат последни организирани од техничка влада, промена на изборниот модел во една изборна единица, законите од реформската агенда, но и Бадентеровото мнозинство за избор на нов народен правобранител, како и стартувањето на „Безбеден град“ биле темите што премиерот Христијан Мицкоски и лидерите Билал Касами, Али Ахмети, Димитар Апасиев и генералниот секретар на ЗНАМ, Горан Минчев, ги отвориле на лидерската средба во Клубот на пратениците, свикана од премиерот. Столчето на лидерот на СДСМ Венко Филипче остана празно, бидејќи тој претходно одби, како што кажа, да седне на маса со криминалци.

Лидерите ја оценија средбата за конструктивна, иако договор паднал само да се донесе нов Изборен законик до јуни и, според премиерот, Законот за прекршоци за „Безбеден град“ да почне да функционира од 1 февруари.

Мицкоски на маса ги ставил реформските закони, но и потребата од Бадентерово мнозинство кое зависи од ДУИ. Лидерот на ДУИ Али Ахмети, пак, не дал виза за Бадентерово мнозинство за избор на народниот правобранител, како и за Законот за прекршоци, кој е клучен за од 1 февруари да стартува „Безбеден град“.
Ахмети на лидерската го отворил прашањето за евроинтеграцијата на земјава, а клучните барања од агендата на ДУИ – новиот национален договор за прогрес, избор на влада со Бадентерово мнозинство и Уставниот суд да носи одлуки со Бадентер за законите што се донесени со двојно мнозинство ги сочувал и ќе ги испорача на тет-а-тет средба со Мицкоски.

Мицкоски: Отворените итни прашања ќе бидат надминати

– Јавноста беше сведок на поинаков пристап на решавање отворени прашања преку плодна дискусија и дебата што беше полна со предлози и идеи. Многу прашања се отворија, за дел имаме исто мислење, за дел се разликуваме, но важно е дека сите оценија дека лидерската средба е конструктивна. Предложив да има почесто вакви средби, но и дебатата за некои прашања да продолжи со цел да се бараат решенија во Собранието. Убеден сум дека за отворените прашања за кои има итност, набрзо ќе бидат надминати, како што е акутното решение за Законот за прекршоци за „Безбеден град“ за да почне да функционира. Тој е двотретински закон. Мислам дека за техничката влада сите се согласивме дека таа треба да замине. Видовте дека една коалиција отсуствуваше, и ако таа не прифати тоа да биде за следните избори, предложив да не го правиме тоа насила, туку тоа да важи за изборите по нив. Но измени во Законот за влада мора да има, оти имаше промена на ресори и треба да се допрецизира каде треба да се номинираат министрите и дополнителните министри. За избор на народен правобранител мислам дека ќе бараме креативни решенија. Задоволен сум како претседател на Влада, бидејќи имавме лидерска на која нудевме решенија, а не генериравме проблеми – рече Мицкоски.

Ахмети понудил помоп за евроинтеграциите

Ахмети истакна дека на состанокот се отвориле многу теми и дека дел останале неапсолвирани. Лидерот на ДУИ рече дека за прашањето за евроинтеграциите треба сите да бидеме посветени и дека премиерот ги известил за неговите комуникации со претставници на меѓународната заедница. Ахмети му се понудил на Мицкоски дека стојат на располагање да помогнат за Македонија да го заземе заслуженото место во ЕУ.

– Се разговараше за народниот правобранител, прашање кое треба да се реши преку дополнителни консултации со координаторите на парламентарните партии. Ние сме за една изборна единица, но со праг од 5 отсто и со отворени листи. Остатокот од прашањата кои сакав да ги покренам се одлучив дополнително да се договорам со Мицкоски, да разговараме во иднина. Секако таа ќе биде тет-а-тет средба – рече Ахмети.

Тој дополни дека за укинување на техничката влада треба да се консултира со меѓународните партнери кои се коавтори на Пржинскиот договор. Според него, ДУИ не го поддржува изборот на народен правобранител, бидејќи не биле консултирани, додека за „Безбеден град“ ќе гласаат ако бидат прифатени нивните амндмани.

Бобан Карапејовски од ЗНАМ рече дека техничката влада треба да биде укината и дека се залагаат за една изборна единица, како и јасно да се регулира финансирањето на партиите.

Апасиев оцени дека средбата била конструктивна.

– Начелно е договорено до јуни да се донесе нов изборен законик. Побаравме обештетување на семејствата на жртвите од Кочани за кое не се најде решение. За омбудсманот предложивме да биде припадник на ромската заедница оти тие се најдискриминирани. За минимална плата, апанажата и патните трошци не наидовме на разбирање- рече Апасиев.

Билал Касами го отворил и прашањето за поголема можност за гласање на дијаспората.

-Треба да се најде можност за поголемо учество на гласање на дијаспората, затоа што цениме дека дијаспората е важен чинител во економските движења во државата. Исто така се отворија теми околу изборните единици но тука немаме појасен став дали една, три, сегашните шест или има предлози за осум – вели  Касами од Вреди.

СДСМ: Сите што биле на средбата го легитимираат криминалот

Од СДСМ, чиј лидер одби да учествива на лидерската на прес-конференција повторија дека
укинувањето на техничката влада значи директен удар врз можноста за фер и демократски избори.

– Техничката влада мора да остане. Таа е единствена шанса, единствен обид за некакви минимални услови за фер избори. Сакаат да ја укинат техничката влада, затоа што не сакаат опозицијата да влезе во министерствата, да не се види што сè правеле со трошењето на парите на граѓаните на Македонија. Воспоставена е целосна контрола на Обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет, се носат измени на Кривичниот закон за спас на актуелните функцонери, се партизира и се злоупотребува полицијата. Се носат резолуции со кои што практично се укинува слободата на говорот на опозицијата. Се злоупотребуваат парите во земјоделието. Масовниот надзор со 65 илјади камери нема контролни механизми ниту заштита од злоупотреби – рече Александар Саша Димитриевиќ, генерален секретар на СДСМ.

Според него, во вакви услови е јасно дека не се созреани условите во општеството за укинување на техничката влада поради криминалната власт. Тој потенцира дека опозицијата мора да влезе во техничката влада и да се обиде да обезбеди барем малку услови за фер избори и дека СДСМ ќе ги искористи сите демократски механизми за да го заштити изборниот процес и слободната волја на граѓаните.
Димитриевиќ цени дека сите што биле на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во „легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ и во анти ЕУ-кампањата на власта за изолација на земјата. Планот за предвремени избори што ги имаат веќе е договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот мигранти за пари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот