Народниот правобранител останува блокиран, за „Безбеден град“ се чека „пас“ од ДУИ следната недела
ДУИ на лидерската начелно се согласила да гласа за кандидатот за народен правобранител што го оспоруваше, но по состанокот во Собранието, повторно е на позицијата дека нема да обезбедат Бадентерово мнозинство за Фатон Сељами, и бара тој да биде повлечен.
„Безбеден град“ сепак се очекува да стартува од 1 февруари откако на лидерската средба начелно било договорено да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за Законот за прекршоци, а договорот треба да го допрецизираат координаторите на пратеничките групи. Претседателот на Собранието Африм Гаши иако се очекуваше утре да ја закаже пленарната седница и измените на законот да поминат, сепак законот ќе почека најверојатно до следната недела. Иако лидерите на партиите се договорија да се надмине проблемот и со изборот на народниот правобранител, сепак од ДУИ се пишманија, договор нема, а со тоа нема согласност нивните пратеници да обезбедат Бадентерово мнозинство за избор на новиот омбудсман.
Препорачано
Иако од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека на координацијата е постигнат договор за законот за прекршоците и дека за тоа го информирале претседателот на Собранието, сепак законот ќе се гласа следната недела, на барање на ДУИ, на кои им требале дополнителни консултации. Од ДУИ се повоздржани и велат дека по координацијата со пратеничката група, дефинитивно ќе се знае дали даваат „пас“ за Законот за прекршоци.
На координацијата бил повикан и експерт од МВР за да ги разјасни забелешките и дилемите што ги имале од ДУИ.
Бидејќи измените на Законот се во завршна фаза и кога повеќе не може амандмански да се интервенира, договорено е ДУИ да ја следи имплементацијата на законот и подоцна да предложи измени за кои „интегративците“ сметаат дека треба да бидат вградени во законското решение.
Дел од забелешките на ДУИ се поради неусогласеност на хоризонталната сигнализација со системот „Безбеден град“, но и за пораките за прекршоци што возачите ги добиваат само на македонски јазик, наместо да бидат двојазични.
Измените на Законот, кој беше заглавен во Собранието бидејќи без гласовите од ДУИ власта го нема двотретинско мнозинство, се неопходни за официјално да почне примената на „Безбеден град“, односно полицијата да може електронски да им ги испраќа казните на возачите што направиле прекршок.
Премиерот Христијан Мицкоски по лидерската средба изјави дека најакутно на состанокот било наоѓањето решение за измените на Законот за прекршоци и дека за него е најден компромис.
– Убеден сум дека за отворените прашања за кои има итност, набрзо ќе бидат надминати, како што е акутното решение за Законот за прекршоци, за „Безбеден град“ да почне да функционира. Тоа е двотретински закон – рече Мицкоски.
Од друга страна, изборот на нов омбудсман останува блокиран во Собранието. ДУИ на лидерската начелно се согласила да гласа за кандидатот што го оспоруваше, но по состанокот во Собранието повторно е на позицијата дека нема да обезбедат Бадентерово мнозинство за Фатон Сељами и бара тој да биде повлечен.
Од ДУИ велат дека откако разбрале дека вработените од институцијата Народен правобранител земале плата, тие се враќаат на ставот дека треба нов кандидат за омбудсман. Според ДУИ, Сељами треба да се повлече и Комисијата за избори и именувања да предложи друг кандидат од веќе пријавените. Според нив, со тоа ќе нема потреба за нов оглас и нема да се губи дополнително време за повторување на целата процедура.
– Ако платата за вработените беше најголемиот проблем, ете, ја зеле. Нема договор за народниот правобранител. Бараме нов кандидат од листата на пријавени – велат од ДУИ.
ДУИ не дава согласност за Сељами, бидејќи бил кандидат поддржан од Вреди, а омбудсманот треба да биде политички независен.
Платите на вработените во канцеларијата на омбудсманот не се единствениот проблем, туку тоа што оваа значајна институција за државата веќе половина година работи со половичен капацитет. Вработените ја зеле декемвриската плата што била планирана во буџетот за 2025 година. Неизвесно е дали ќе биде исплатена јануарската плата ако не биде избран новиот омбудсман.
Дека ДУИ има задршка за изборот на омбудсманот, потврди и лидерот Али Ахмети во изјавата по лидерската средба.
– Не се направени потребните консултации, туку дејствијата биле преземени произволно, а консензуалната демократија има свои правила. Она што останува е координаторите на пратеничките групи да бараат решенија и дополнителни консултации за тоа како може да се реши ова прашање – рече Ахмети.
Според брифинзите, на лидерската била понудена опцијата ДУИ да обезбеди Бадентерово мнозинство за Сељами да биде избран за народен правобранител, а по половина година тој самиот да се повлече и да се распише нов оглас за избор на омбудсман. Но, ДУИ сега се повлече од начелниот договор.
Претседателот на Собранието Гаши ја оцени лидерската средба како конструктивна.
– За лидерската средба, јас сум запознаен од вас новинарите. Од тоа што го разбрав од моите колеги што беа дел од лидерската средба, таа била исклучително конструктивна. Очекувам да имам средба со координаторите во Собранието и да почнат со работа за да ги усогласат законите за кои се договориле да ги донесат што побргу. Исто така, и за Народниот правобранител. Можно е денеска-утре да имаме решение. Тоа ќе произлезе од координаторите – рече вчера Гаши.


