Леб во маркет / фото: Слободен печат / Драган Митрески

Мицкоски: Цената на лебот не е зголемена, останатите производи поскапеле само 0,4 отсто

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека по направените анализи, заклучиле дека зголемувањето на цените на производите во малопродажните објекти е приближно 0,4 проценти. Во однос на профитните маржи, тие се намалени. За лебот, Мицкоски рече дека таму нема зголемување на цената, туку дури и поевтинување, како и дека во разговорите со мелничарите било посочено цената на лебот да остане иста или да поевтини.

– Анализиравме четири синџир-маркети и цени на 55 производи и врз основа на таа споредба што ја направивме на цените од 1 февруари и од 1 април дојдовме до заклучок дека зголемувањето на цените е приближно за 0,4 проценти кога ќе се споредат оние цени што ги затекнавме од 1 април со цените од 1 февруари. Од оваа анализа имаме некакви индикатори за одредени производи, кои ги зголемиле своите цени за неколку проценти, односно за двоцифрен број, да бидам попрецизен, тоа значи над 10 проценти. А кога станува збор за профитните маржи, можам да кажам дека на 1 април тие се намалени во споредба со 1 февруари  – рече Мицкоски.

Ако на 1 февруари, појасни тој, просечните профитни маржи биле нешто над 15 проценти, според нивните калкулации, сега се намалени под 15 отсто, а според дистрибутерите и маркетите, бројката била поинаква.

– Сега се под 15. Мислам дека се некаде околу 14,7 проценти, повторно ќе кажам, според нашата математика. Во моментот размислуваме како да дојдеме до поевтини цени за одредена група на производи, каде што имаме двоцифрен број проценти на зголемување и набргу ќе излеземе со таков став. Инаку, имаме и производи, кои, за волја на вистината, се и поевтинети. Споредувавме четири маркети. Јас не би кажувал сега детално за цените за тие маркети, но тие маркети се „Зур“, „Кипер“, „Кам“ и „Веро“ – рече Мицкоски. Според него, таа анализа е направена многу темелно.

Двоцифрениот раст на цените, според премиерот, е забележан кај зеленчукот, кај доматите, краставиците, кај јајцата…

Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, вели дека не би требало да почувствуваме поголем ценовен удар затоа што процентуалното учество на оној дел на кој се зголемени транспортните трошоци не ни дава право да сметаме дека ќе имаме огромен инфлаторен скок за следниот месец бидејќи влезот во крајната цена на транспортните трошоци наспроти зголемената цена на маргините на дизелот и на бензините не е толку голема.

– Зборуваме за еден до два проценти – рече Мицкоски, кој беше на промоција на возилата за „Македонска пошта“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот