Мерко нема да го поддржи кандидатот од ДУИ во Струга
Актуелниот градоначалник на Струга од редовите на ДУИ, Рамиз Мерко, соопшти дека нема да го поддржи Арсим Далипи – кандидатот на НАИ, коалицијата предводена од неговата сопствена партија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Мерко преку објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ се обрати до, како што напиша, „вистинските и лојални поддржувачи“, со цел да ги демантира гласините дека во вториот изборен круг ќе застане зад кандидатот на Алијансата за национална интеграција, предводена од ДУИ.
„Денес ви се обраќам директно и со најголема сериозност за да ги уништам веднаш новите шпекулации и измислени гласини што имаат цел да ја поткопаат вашата доверба. Се шират гласини дека јас, Рамиз Мерко, ќе го поддржам кандидатот на НАИ во вториот круг. Сакам јасно да нагласам: јас, Рамиз Мерко, не го поддржувам кандидатот на НАИ на изборите,“ напиша Мерко.
Тој оцени дека станува збор за „подли гласини на оние што веќе се губитници и сакаат да манипулираат со гласовите на граѓаните“, потенцирајќи дека Независната листа, која ја предводеше на изборите, е сериозно и решително движење чии одлуки се носат по детални консултации, а не преку шпекулации.
Во објавата, Мерко најави дека Независната листа во следните денови ќе одржи состанок со кандидатите за советници и со поддржувачите, по што официјалниот портпарол на листата ќе објави јасна изјава со ставот за вториот круг од изборите.
„Не дозволувајте никој да ве збунува. Верувајте само на официјалното соопштение на Независната листа,“ порача Мерко на крајот од својата објава.


