Фридрих Мерц / Фото: EPA

Мерц се залага за користење на замрзнатите руски средства

Канцеларот Мерц ја брани неговата активна улога во спорот околу мировните преговори за Украина и инсистира на користење на замрзнатите руски милијарди за поддршка разурнатата земја.

При освртот на канцеларот Фридрих Мерц за 2025 година пред членовите на германскиот Бундестаг во средата, речиси и да немаше добри вести. Тој наведе дека на геополитички план има длабоки превирања, релациите на Германија со САД се фундаментално променети, во Украина и натаму се води агресорска војна спротивна на меѓународното право, оцени канцеларот. Трговските војни ја оптоваруваат германската економија, која и заради „минати пропусти“ на домашен терен се соочува со големи потешкотии. Само лоши вести. Многу нешта што важеле за извесни, и во Германија веќе не се, наведе канцеларот кој зборуваше за нова епоха, за тоа дека глобалниот поредок е заменет со неред.

Германија мора активно да реагира на сето ова, рече канцеларот и додаде дека „не може да стоиме на страна и да гледаме како светот се реорганизира. Ние не сме пиони на големите сили“, заклучи Мерц.

Мерц зборува за „голема динамика“ на неодамнешните разговори

Мерц првенствено мисли на улогата на Германија во процесот за мир во Украина, односно прашањето како да се дојде до „праведен мир“, како што го нарекува канцеларот. Изминатиот викенд и во понеделникот, украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со преговарачите на американскиот претседател Доналд Трамп во Берлин на координации за мировниот план и тоа по иницијатива на канцеларот Мерц.

Тој сега зборува за „голема динамика“ што произлегла од разговорите и наведува дека повеќе пати од не го се барало не само да испорачува оружје на Украина, туку и да ѝ даде шанса на дипломатијата. Мерц им порача на пратениците дека „повеќе дипломатија од она што се случуваше во Берлин во изминатите денови и часови и не е возможно“.

Мерц сака одлука од ЕУ во врска со рускиот имот

Претстојните неколку дена и часови во фокусот ќе се најде самитот на ЕУ во Брисел. Имено, Мерц не е единствениот кој смета дека би можел да биде клучен за судбината на Украина.

„Станува збор и за испраќање јасен сигнал до Русија дека ќе ги искористиме средствата што се замрзнати овде за да помогнеме во што побрзо завршување на оваа војна“, рече тој.

Во интервјуата Мерц веќе посочи дека шансите за таква одлука во Брисел неделава се 50-50. Мнозинство од 27-те влади на земјите членки на ЕУ се за тоа околу 210 милијарди евра замрзнати руски средства во ЕУ, да се употребат за финансиска поддршка на Украина во следните години за напорите за реконструкција, но и за купување современо оружје. За правно да не се третира како експропријација, ќе бидат издадени обврзници на ЕУ во ист износ и обезбедени со замрзнатите средства. Првично, се дискутира за сума од околу 90 милијарди евра. Русија веќе започна со правни мерки против таков потег.

Декларирани противници и загриженост од Белгија

За канцеларот ова се за решавачки часови, а и неговите колеги од конзервативната партија во Брисел го делат таквиот став. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, пред Европскиот парламент во средата порача дека „нема ништо поважно за европската одбрана од поддршката на украинската одбрана“.

И претседателот на конзервативната фракција во Европскиот парламент, Манфред Вебер, рече дека би бил историски неуспех ако ЕУ не успее да постигне договор за користење на руските средства на дводневниот самит неделава.

Од корист за поддржувачите на идејата би можело да биде тоа што во Советот на ЕУ согласност може да се изгласа со квалификувано мнозинство, односно не се бара едногласност, што е важно бидејќи Унгарија и Словачка веќе го најавија своето противење. Италија е исто така скептична. И Белгија има големи задршки бидејќи најголемиот дел од средствата од Русија се наоѓаат во малата западноевропска земја. Белгиската влада со право се плаши дека може да стане мета на руска одмазда. Но, и американската влада го отфрла користењето на средствата во нивната сегашна форма.

АфД: „Ова не е наша војна“

Најсилната опозициска партија во Бундестагот е во делови десно-екстремната „Алтернатива за Германија“ (АфД). Нејзиниот лидер Чрупала по говорот на канцеларот, порача дека е децидно против користењето на руски средства и дека уште пред години рекол оти Украина не може да ја добие војната.

„Тоа не беше и не е наша војна“, дециден беше Чрупала.

Опозициските Зелени пак се огласија со поддршка за канцеларот преку координаторката на парламентарната група, Катарина Дроге. Таа најави дека доколку Бундестагот гласа за прашањето за руските средства, нејзината партија ќе гласа афирмативно. Мерц се позиционираше како предводник на оние кои бараат користење на руските средства. Сега во Брисел мора да докаже оти може да генерира мнозинство, во спротивно неговите први осум месеци како канцелар би завршиле со катастрофален пораз на крајот од годината.

Извор: DW/ Автор: Јенс Турау

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот