Фото: Wikimedia / government.ru

Медведев се пошегува дека Западот станал „поблизок“ по успешното тестирање на руската ракета

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев саркастично им честиташе на западните земји по успешното пробно лансирање на руската интерконтинентална балистичка ракета „Сармат“, јавува Анадолу.

„Им честитам на сите западни ’пријатели‘ на Русија по успешното тестирање на стратегискиот ракетен систем ’Сармат‘. Сега сите сте поблиску до нас!“, напиша Медведев во објава на руската социјална мрежа „Макс“.

Медведев, кој во моментов ја извршува функцијата заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, ги даде овие коментари откако командантот на Стратегиските ракетни сили, Сергеј Каракаев, претходно вчера го информираше рускиот претседател Владимир Путин за успешното лансирање на ракетата.

„Ова е најмоќната ракета во светот“, изјави Путин во телевизиското обраќање, тврдејќи дека разорната моќ на нејзината боева глава е за четири пати поголема од онаа на сличните западни ракети.

Путин истакна дека „Сармат“ има дострел од повеќе од 35.000 километри и тврди дека таа може да ги „пробие сите постоечки и идни системи за противракетна одбрана“.

Каракаев рече дека Руските вооружени сили планираат да го стават на борбена должност првиот полк опремен со ракетниот систем „Сармат“ до крајот на годината.

Путин првпат најави тестирање на ракетниот систем „Сармат“ во 2018 година.

Инаку, денеска се случија нови масовни напади на Русија врз Украина, за што потврди и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во исто време кога Трамп отиде во Кина, Русија нè нападна и загинаа шест луѓе, вели Зеленски

Според Зеленски, Русите во текот на целиот денешен ден лансирале бранови од шахеди (дронови-камикази) кон разни украински региони, а притоа, како што рече, намерно се таргетирани региони најблиску до границите на земјите од НАТО.

Украинскиот претседател наведе дека со дронови се погодени Закарпатскиот регион, Лвовскиот регион, Волин, како и во Ивано-Франкивск и Ривне.

„За жал, има погодоци и во многу други наши региони… До овој момент се пријавени десетици повредени лица, меѓу кои и деца. За жал, шест лица се убиени“, посочи Зеленски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот