Фото: Зеленски на X

Во исто време кога Трамп отиде во Кина, Русија нè нападна и загинаа шест луѓе, вели Зеленски

Сигурно не може да се нарече случајност тоа што еден од најмасовните и најдолготрајни руски напади врз Украина се случува токму во моментот кога претседателот на САД пристигна во посета на Кина – посета од која се очекува многу, соопшти денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во овој тежок геополитички момент, како што пишува тој, „Русија очигледно се обидува да ја наруши целокупната политичка атмосфера и да привлече внимание кон своите постапки – настојувајќи тоа да го прави на сметка на украинските животи и украинската инфраструктура“.

„Во текот на целиот ден, Русите лансираа бранови од шахеди (дронови-камикази) кон нашите региони – и, особено, намерно таргетирајќи ги регионите најблиску до границите на земјите од НАТО“, соопшти Зеленски преку социјалната мрежа Х.

Украинскиот претседател наведе дека со дронови се погодени Закарпатскиот регион, Лвовскиот регион, Волин, како и во Ивано-Франкивск и Ривне.

„За жал, има погодоци и во многу други наши региони… До овој момент се пријавени десетици повредени лица, меѓу кои и деца. За жал, шест лица се убиени. Изразувам сочувство до нивните семејства и блиски“, посочи Зеленски, кој денеска пристигна во Романија за учество на самитот на Букурешката деветтка.

Според него, од полноќ докај попладнето денес се лансирани најмалку 800 руски дронови, а нападот продолжува, со дополнителни дронови што влегуваат во воздушниот простор на земјата.

„Според нашите разузнавачки информации, по сите бранови на дронови, можно е и лансирање на ракети врз Украина. Нашите војници ја бранат Украина, но очигледната цел на Русија е да ги преоптовари системите за противвоздушна одбрана и да предизвика што е можно повеќе тага и болка токму во овие денови. Важно е светот да не молчи за ова. Важно е вистинските намери на Русија да им бидат јасни на лидерите и државите“, соопшти тој.

Како што вели, важно е да се изврши „реален притисок врз рускиот агресор за овој терор да биде запрен“.

„Сите служби во моментов се ангажирани со последиците од нападите. Ве молам обрнете внимание на воздушните тревоги. Благодарен сум на секој партнер кој стои со Украина!“, наведе Зеленски на мрежата Х.

Пред еден ден Зеленски изјави дека Русија навечер лансирала повеќе од 200 дрона, со што решила „да го прекине делумниот прекин на огнот“.

Трамп најави тридневен прекин на огнот меѓу Русија и Украина

Тој ја обвини Москва за лансирање на повеќе од 80 воздушни бомби и извршување на над 30 воздушни напади.

Словачка ги затвори сите гранични премини со Украина

Словачка денеска околу 15 часот ги затвори сите гранични премини со Украина од безбедносни причини, соопшти Финансиската управа на Словачка, пренесува Гардијан.

На граѓаните им се препорачува да ги следат официјалните информации и да ги почитуваат упатствата на полицијата и надлежните служби.

Одлуката доаѓа во време на засилени безбедносни тензии долж границата.

Во меѓувреме, началникот на Регионалната воена управа на Закарпатската област, Мирослав Билецки, изјави дека е во тек „најмасовниот руски напад“ врз регионот од почетокот на војната.

Според него, експлозии се слушнале во повеќе населени места, а системите за надзор регистрирале движење на дронови.

„Сите информации дополнително ќе бидат објавени. Алармот сè уште е активен. Ги повикувам жителите да не ги напуштаат засолништата“, изјави Билецки.

Локалните власти соопштија дека детонации и натаму се слушаат во погодените подрачја и дека внимателно ја следат ситуацијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот