Владимир Путин и Володимир Зеленски - Избвор Х/АПА

Трамп најави тридневен прекин на огнот меѓу Русија и Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Русија и Украина се согласиле на тридневен прекин на огнот од 9 до 11 мај, како и на голема размена на затвореници.

Трамп веста ја објави преку „Трут соушл“ (Truth Social), наведувајќи дека примирјето ќе се совпадне со одбележувањето на Денот на победата во Русија.

„Со задоволство објавувам дека ќе има ТРИДНЕВЕН ПРЕКИН НА ОГНОТ (9, 10 и 11 мај) во војната меѓу Русија и Украина. Прославата во Русија е по повод Денот на победата, но исто така и во Украина, бидејќи и тие беа голем дел и важен фактор во Втората светска војна“, пиша тој.

Според Трамп, овој прекин на огнот ќе вклучува суспензија на сите борбени активности, како и размена на 1.000 затвореници од секоја страна.

„Ова барање беше директно иницирано од мене и многу го ценам прифаќањето од претседателот Владимир Путин и претседателот Володимир Зеленски. Се надеваме дека ова е почеток на крајот на една многу долга, смртоносна и тешка војна. Разговорите за завршување на овој голем конфликт, најголемиот од Втората светска војна наваму, продолжуваат и секој ден сме сè поблиску“, напиша Трамп.

Зеленски: Црвениот плоштад ни е помалку важен од животите на Украинците

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, официјално потврди дека е постигнат договор со Русија за размена на заробеници и тридневен прекин на огнот.

Зеленски порача дека за Украина е поважно да ги спаси животите на своите војници отколку да се фокусира на симболиката на настаните во Москва (Црвениот плоштад).

Зеленски му се заблагодари на Доналд Трамп и неговиот тим „за конструктивниот дипломатски ангажман“. Тој додаде дека очекува САД да гарантираат дека руската страна ќе ги исполни преземените обврски.

Претседателот напомена дека Русија е јасно известена за одлучните капацитети на Украина за напади со долг дострел доколку не се почитуваат договорите.

Стигна потврда и од руска страна

Помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков исто така потврди дека Русија се согласила со иницијативата на американскиот претседател Трамп.

„По налог на рускиот претседател Владимир Владимирович Путин, ја потврдувам прифатливоста за руската страна на иницијативата што неодамна ја предложи американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на огнот и за размена на воени заробеници помеѓу Русија и Украина“, истакна Ушаков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот