Протест за УЧК Фото: Фејсбук

Маршот за „учките“ ќе биде под будното око на полицијата

Владата не го поддржува и нема намера да го поддржи протестот, но секако ќе се погрижиме сето тоа да помине во најдобар ред, да нема инциденти, да не се случи нешто што сите ние, граѓаните, не сакаме да се случи, изјави премиерот Христијан Мицкоски спроти протестот за поддршка на поранешните водачи на ОВК

Протестот за поддршка на поранешните водачи на ОВК, в сабота на плоштадот Скендербег во Скопје, ги крена институциите на нозе – 24 часа пред и по протестниот марш будно ќе се следи секој чекор на демонстрантите, кои се очекува да дојдат од Албанија и од Косово. Премиерот Христијан Мицкоски изрази незадоволство кон владиниот партнер од Вреди, Изет Меџити, велејќи дека греши што застанал зад протестот, а на политичкиот опонент и еден од организаторите на маршот, лидерот на ДУИ Али Ахмети, му порача дека протестот му служи за мобилизација на гласачите. Откако Меџити јавно го поддржа протестот, премиерот рече дека тоа најверојатно го направил под притисок на организаторите. Во организацијата на протестниот марш е Организацијата на ветераните на УЧК и Ахмети.

– Тоа е најава на Меџити, него треба да го прашате. Владата не го поддржува и немаме намера да го поддржиме протестот, но секако ќе се погрижиме сето тоа да помине во најдобар ред, да нема инциденти, да не се случи нешто што сите ние, граѓаните, не сакаме да се случи. Претпоставувам дека таа одлука на Меџити е под притисок на организаторите, мислејќи дека ако не го поддржи, ќе изгуби политички поени што мислам дека е погрешна одлука – рече Мицкоски.

Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Мицкоски не одговори дали македонската полиција ќе апси поранешни припадници на УЧК, барани од Србија со потерница, и дали има политички договор со Косово нив да ги пропуштат.

– Не станува збор за политички договор или не, очигледна е намерата дека некој се обидува на овој начин да се мобилизира, тука пред сè мислам на ДУИ. На тој начин мисли дека ќе добие некаква поддршка, ќе ги мобилизира своите гласачи. Жалам што има и такви што го поддржуваат овој процес јавно, иако, според мене, немаше потреба тоа да се случи. Но тоа е нивна одлука, не би сакал јас да ја коментирам. Ние како Влада ќе сториме сè што е во наша моќ – од прифаќањето на граница до реализирањето и завршувањето на овој протест, да помине во најдобар ред. За ова се информирани нашите стратегиски партнери. Ќе имаме и кризен штаб што ќе следи 24 часа пред да се случи и откако ќе се случи, нормално обезбедување и испраќање на сите што ќе дојдат на тој настан. Како Влада, држава и институции ќе ги преземеме сите мерки да не им успее првичната намера – да испровоцираат каква било реакција што може да има негативни консеквенции не само за граѓаните, туку и за регионот – рече Мицкоски.

Протест за УЧК Фото: Фејсбук

Според информации на „Слободен печат“, Град Скопје ги одбил организаторите за одржување на протестот и ги препратил дозвола да бараат од Општина Чаир. Организаторите во изјава за медиуми велат дека чекаат само формално одобрение од Град Скопје за одржување на протестот.

– Според законот, поднесовме две барања до Град Скопје. Добивме заклучок да ја платиме комуналната такса, што го направивме, и очекуваме дозволата да биде издадена без пречки, бидејќи тоа ни е уставно право – вели Бујар Дардишта од Организацискиот совет.

Изет Меџити Фото: Фејсбук Меџити

Меџити веќе изјави дека во принцип го поддржува протестот и дека дал одобрение за протестниот марш.

– Во принцип, да, го поддржувам. Протестот е демократско право. Ние го сметаме протестот за демократска вредност, а ОВК е наша национална гордост – изјави неодамна Меџити.

На прашањето дали лично ќе учествува на протестот, Меџити не одговори директно, но нагласи дека ќе даде согласност тој да се одржи.

– Ќе дадеме согласност за одржување на протестот. Се надевам дека сè ќе помине добро – рече Меџити.

Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ велат дека протестот денеска е пријавен.

„Правото на мирен протест е уставно загарантирано. Организаторите имаат обврска да го пријават собирот во полиција најмалку 48 часа однапред, да наведат време, место, очекуван број учесници и начинот на организирање. Тие се должни да обезбедат основни услови за одржување на протестот, назначување организатори и редари, почитување на јавниот ред и др. Подготовките се одвиваат согласно утврдените процедури и надлежности, како и за сите други јавни собири, МВР презема соодветни безбедносни мерки со цел непречено одвивање на настанот, заштита на учесниците и одржување на јавниот ред и мир. Сите активности се координирани во согласност со законските обврски и воспоставените оперативни практики“, велат од МВР.

Протест за УЧК Фото Фејсбук

Протестот доби поддршка и од двајцата лидери на крилата на Алијанса за Албанците – Зијадин Села и Арбен Таравари, но и тие не наведоа дали и лично ќе одат на маршот.

Од АА предводена од Tаравари велат дека протестот е за одбрана на вредностите на косовската ослободителна војна и водачите на Ослободителната војска на Косово, кои продолжуваат да бидат неправедно притворени во Хаг.

-Во овој важен момент за националното достоинство, ги повикуваме сите Албанци, без оглед на политичките убедувања, масовно да се приклучат на протестот во Скопјe. Нашиот заеднички глас мора јасно да се чуе во одбрана на правдата и вистината за ослободителната војна, најчистата и најправедната војна што ја водеше албанскиот народ за слобода – велат од АА на Таравари.

Крилото на Таравари го поддржува протестот за командантите на косовската УЧК обвинети за воени злосторства

Скопскиот протест за поддршка на Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи  треба да биде завршница на протестите што претходно се одржаа во Приштина, Тирана, Хаг и во Стразбур. Протестот во Скопје Ахмети го договорил со организацијата на ветераните на ОВК од Косово.

 

Ахмети наместо на завршен митинг во Скопје, на протест за УЧК во Тирана

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот