Советниците на Левица во Аеродром: Манипулаторот Муцунски преку напад врз нас си ја пере нечистата совест

Советничката група на Левица во општина Аеродром со индигнација ги отфрла манипулативните обвинувања и конструкции од страна на градоначалникот Тимчо Муцунски околу гласањето за донацијата од страна Цементарница Усје. Манипулацијата на, за жал неуспешниот градоначалник Тимчо Мицунски не се состои само во видеото кое вчера го објави на неговите профили и кое беше пренесено од целата медиумската машинерија на неговата партија, туку перфидната манипулација се случува и во Советот на општина Аеродром, информират од партијата.

Според Левица, во точките на дневен ред не биле наведени таканаречените општествено одговорни компании кои донираат. Со криење на компаниите советниците се ставени пред свршен чин да гласаат за донација за која не знаат од каде и од која компанија доаѓа, туку само се знае за што ќе биде истата искористена. Ова се прави под изговор дека компанијата сака да остане анонимна, за по неколку месеци да го видиме градоначалникот Тимчо како за евтин пиар се слика со газдите и директорите на компаниите и се фали со истите донатори кои претходно сакале да бидат „анонимни”.

Скоро сите точки за донации општинската администрацијата на манипулаторот Тимчо Муцунски ги доставува на самата седница како дополнителни точки без да имаат советниците увид во содржината на точката.
Истото може да се види од приложениот видео доказ од осмата седница на Советот на Општина Аеродром.

Ова повторување со достава на дополнителни точки без советниците да имаат увид во материјалите за уште една донација, на десеттата седница на Советот на Општина Аеродром, го крена алармот кај нашите советници. Советникот на Левица, Дарко Масларковски, постави прашање дали општината ќе биде должна да врати услуги за донациите, што може да се види во приложениот видео материјал. Исто така ги предупредивме дека Левица ќе ги следи овие сомнителни коруптивни појави со општествено одговорни компании, како што Тимчо Муцунски ги нарекува, кои сакаат „анонимно” да донираат.

Од дискусијата околу донацијата и одговорот на градоначалникот Тимчо Муцунски на прашањето на нашиот советник Дарко Масларковски убаво може да се види дека името на компанијата која донира не се соопштува. И не само што не се соопштува туку и никаде не стои во материјалите за седниците, кои треба да се доставуваат на советниците седум дена пред седницата, а не на самиот почеток на седницата.

Исто така во вчерашното видео на Тимчо Муцунски, полно со конструкции и манипулации, се спомнува дека советниците на Левица земале не знам колку паушал до сега. Да го потсетиме дека на наш предлог, на првата седница на советот веднаш по конститутивната, беше изгласана иницијатива за намалување на паушалите од сите 27 советници. Истата до ден денес стои во нечија фиока и фаќа прашина. Оттука, убедени сме дека изгласувањето на оваа иницијатива исто како и секој добар предлог кој е во корист на жителите, а не на политичките елити, било декларативно, а не суштинско, се разбира за да се добијат симпатии и поени.

Околу обвинувањата дека нашите советници од Аеродром требало да бараат од нашите советници од Градот Скопје да преземат нешто во врска со загадувањето од страна на Цементарница Усје, сакаме да го потсетиме градоначалникот Тимчо Муцунски дека градоначалничката на Скопје, со која беа неразделни во кампањата на локалните избори, поднесе кривична пријава против Усје по инспекцискиот надзор кој докажа дека Усје испушта гасови над дозволените граници.

Но медиумите кои се задолжени да ги пренесуваат неговите манипулативни соопштенија со напади кон неподмитливата Левица се истите медиуми кои застанаа во целосна одбрана на трујачот на жителите на Скопје Цементарница Усје, што е доста симптоматично да не речеме многу кажува меѓу редови.

Зошто и дали поради донациите од страна на Цементарница Усје градоначалниците на Аеродром и на Кисела Вода (кои би требало да се најзасегнати за здравјето на своите жители) го бранат загадувачот Усје останува времето да покаже?!

Поради очигледното манипулирање и лажење од страна на градоначалникот Тимчо Муцунски кое се повторува неколку пати редно е да размисли да си поднесе оставка и жителите на Аеродром да имаат можност да одберат градоначалник, кој вистински ќе се бори на нивната страна, а не да се бори на страната на крупниот капитал кој работи незаконски и е стекнат под сомнителни околности, се вели во соопштението на Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот