МАМАВИЗИЈА | Огњаноска-Ставровска: Посакувам да бев поосамена во таа битка на трудници кои добиле отказ
Во можеби најкревкиот период од нејзиниот живот, мајката умее да покаже дека е најсилна. Еден видлив доказ ни се случи пред очи. Името на Лепосава Огњаноска-Ставровска или Леа, неодамна одекна во јавноста благодарение на нејзината храброст јавно да сподели дека била избркана од работа поради бременост.
Препорачано
Нејзината ситуација отвори важно прашање во нашето општество сериозно да се размислува за промена на Законот за работни односи, со оглед на тоа што веднаш по неа се појавија голем број жени кои се соочиле со истото.
Огњаноска – Ставровска во „Мамавизија“ ја раскажува нејзината борбена мајчинска приказна што инспирира, охрабрува и прави револуција.
– Јас успеав во мојата битка и денес во рацете ја држам мојата шестмесечна ќерка. За жал, многу трудници кои добиле отказ од работа, од стрес го загубиле плодот. Кај мене тој стрес се одрази на бебето, така што во осмиот месец од бременоста кога ми беше соопштено дека не ми го продолжуваат договорот, поради состојбата, плодот во утробата престана да расте, па така очекувано ќерка ми се роди со многу мала тежина од 2.400 грама. За среќа е храбра и денес одлично се развива – вели нашата соговорничка.
Вработена како асистент на приватен универзитет, познавач на правото, таа го пријавила случајот во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која утврди дека ректор на приватен универзитет во Скопје извршил директна интерсекциска дискриминација врз основа на пол, род, бременост и мајчинство во областа на работните односи.
– Јас го почекав одговорот од соодветната институција, сакав документ за фактичката состојба. Подоцна се утврди дека истиот работодавач им „делел“ откази и на други трудници. Иако тоа ме скрши, наместо да уживам во најубавиот период од животот на една жена, јас живеев во страв, паника, овде ви поминуваат мисли и за егзистенција, и покрај целиот стрес бев решена дека ќе се изборам до крај. Откако се произнесе Комисијата, во меѓувреме јас се породив, тогаш помислив дека ако го обелоденам мојот случај можеби ќе успеам да променам важно прашање во нашето општество. Посакувам да бев многу поосамена во оваа битка на трудници кои добиле отказ, но за жал ме поддржаа многу жени од различни сфери – вели таа.

Според Леа, потребна е корекција на Законот за работни односи.
– Најпрво би требало дополнително да се регулира тој инструмент Договор за вработување на определено време, да може да биде применет само на такви околности кои налагаат тоа да биде на определено време, да не биде последователно користен за вработување што би требало да биде самото по себе на неопределено време. Бидејќи постои одредена законска заштита на бременоста и мајчинството и во самиот Закон за работни односи, таквата заштита да се примени и на договорите за вработување на определено време, односно доколу се случи таква ситуација како мојот случај, договорот да ви истекува во рамките на оној период на бременоста, да не биде раскинат пред бременоста да биде успешно реализирана – вели таа.
Во емисијата таа открива дека и пред да остане бремена поминала низ тежок период.
– На мојата бременост ѝ претходеше двегодишен период, можност за воопшто планирање на бременоста беше целосно исклучена. Некаде во онаа свадбена возбуда, односно во последните подготовки за свадбената прослава, при еден многу вообичаен рутински преглед ми беа дијагностицирани предканцерозни промени на грлото на матката, коишто две години бараат посебни третмани, одредени терапии. На крајот, еден од методите што беше применет беше и оперативен зафат. Во целиот тој период всушност јас почувствував дека навистина сакам да бидам мајка. Во тој период не дозволив да паднам, напротив, се обидував да бидам доволно информирана за да можам да носам информирани одлуки, со целосна доверба во медицинскиот тим кој сепак за тоа е најстручен – рече Огњаноска – Ставровска.

Гледајте „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.
МАМАВИЗИЈА | Тренкоска: Разведените жени се посебна категорија, јас погрешив со изборот на партнери


