Весна Тренкоска /фото: Слободен печат / Драган Митрески

МАМАВИЗИЈА | Тренкоска: Разведените жени се посебна категорија, јас погрешив со изборот на партнери

Во нејзиното секојдневие таа разведува луѓе, а и самата се соочила со два разводи, самохрана мајка е на три сина. Животот на Весна Тренкоска, адвокатка, не бил послан со рози, бројните предизвици ја направиле посилна и постабилна. За првпат пред јавноста нема да зборува само за правни соевти, туку се охрабри да даде личен пример за мајчинството и да им даде ветер во грб на сите коишто ќе се пронајдат во нејзината приказна.

Таа е мајка на три сина, Калин и Лазар, кои ги добила од првиот брак и Мартин, кој го добила во вториот брак. Сите три деца се плод на љубов, но судбината не сакала тие да растат заедно со татковците. Тренкоска се разведувала двапати, како што вели, одбирала погрешни партнери, со пороци.

– Првиот брак се случи на многу млада возраст, со првиот сопуг се зедовме многу млади, незрели. Не знам зошто имав двајца партнери и двајцата со пороци. Така требало да биде. Во првиот случај кога видов дека сопругот ветува дека ќе престане да го прави тоа, а продолжуваше, сфатив дека јас нема да можам да живеам така. Калин тогаш имаше 2,5 години, а Лазар само 40 дена. Храбро одлучив дека ќе ги растам децата сама и бев сигурна дека ќе успеам во тоа. И покрај тоа што беа многу мали и покрај бројните совети да почекам децата да пораснат, јас бев сигурна дека тоа е правиот момент, повеќе не се издржуваше – со солзи во очите се присетува Тренкоска на овој период од животот.

Денот на разводот бев на концерт на Малума

Првиот развод за неа не претставувал некоја болка, како што вели, го поминала нормално.

– Колку и да звучи сурово, јас за првиот развод не почувствував болка, туку само рaзочарување дека сум се дала максимално некому, а тој ме изневерил. За разлика од тоа, вториот развод го поминав многу болно, многу стресно. Во овој случај поранешниот сопруг буквално го снема, една година како да го беше голтнала земја. Со него имам едно дете, кога синот беше болен му ѕвонев, му пишував, ни трага ни глас од него. Тоа многу ме натажи, многу лошо ми влијаеше сè, дури ми се одрази и на професијата. Ми требаше време за да застанам на нозе. Но, морав да направам нешто за сопственото ментално здравје, па така денот кога се случуваше разводот јас не размислував дали да одам во Бугарија на концерт на Малума. Колешката од судница детално преку пораки ме известуваше како се одвива процесот, се тресев, но среќа што не бев физички присутна таму – раскажува таа за „Мамавизија“.

 

Весна Тренкоска/фото: Драган Митрески/ фото: Слободен печат
Весна Тренкоска/фото: Драган Митрески/ фото: Слободен печат

Подобро рaзвод отколку лош брак

Низ смеа вели дека по два поминати разводи подобро ги советува клиентите како адвокат во бракоразводни парници.

– Самата независност на современата жена во општеството направи да нема трпеливост во брачните заедници и до зголемен број на разводи. И финансиските разлики меѓу партнерите влијаат за да настанат омаловажувања, кавги и дисхармонија во бракот. Ако едниот спие во спална, другиот во дневна, ако не јадат заедно и слободното време сè почесто го поминуваат одделно, тука нешто не штима. Не ги советувам странките веднаш да преминат на развод, ако има барем трошка надеж за да се спаси заедницата, треба да се насочат на таа енергија. Штом провејува мисла за развод, кога тогаш ќе дојде до тоа. Но, јас секогаш велам, подобро развод отколи лош брак – рече Тренкоска.

Едукацијата од најмала возраст е превенција за семејно насилство во едно општество. Децата треба да научат за основните вредности во домот уште додека се во клупа. Треба почесто да се прават бесплатни едукативни работилници, непосредни, на повисоко ниво со адвокати и психолози.

Тренкоска ни доловува како изгледа животот на самохрана мајка со три деца, по два развода, што или кој ја одржа во живот. Споделува како успеала да ги избалансира работата и приватниот живот и да не потклекне ни во едното ни во другото.

Весна Тренкоска/фото: Драган Митрески/ фото: Слободен печат
Весна Тренкоска/фото: Драган Митрески/ фото: Слободен печат

Гледајте „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот