МАМАВИЗИЈА | Габриела Коцев: Со дворога матка и ендометриоза станав мајка, докторите ме нарекоа феномен
Ако некогаш ви влееме надеж дека се случуваат чуда, тогаш тоа ќе биде со новата епизода на „Мамавизија“. Габриела Коцев од Скопје или „мајката феномен“, жена којашто од многу доктори слушнала дека е невозможно да роди, денес има две деца. Коцев, гледајќи ги епизодите на „Мамавизија“ почувствувала потреба да ја раскаже својата приказна, со цел да покаже, како жив доказ, дека невозможното понекогаш станува возможно.
Препорачано
Таа е мајка на малиот Богдан и бебето Бисера. Воедно со радост ви споделуваме дека ја имавме и најмалата гостинка во емисијата, Бисера беше дел од програмата.
На 21 година ѝ откриле неправилност на матката, состојба позната како дворога матка, главен причинител за спонтан абортус.
-На рутински преглед докторката забележа дека имам дворога матка. Кога го слушнав тоа многу се исплашив, бидејќи тогаш за мене тоа беше непознат поим. Потоа ми објаснија дека се работи за вродена аномалија, тоа не е болест, но е сериозен причинител за неплодност – раскажува Коцев.

Прашала повеќе доктори, била и во Србија и од секој доктор го добивала истиот одговор, дека нема шанси да роди.
-Направив операција кај искусен доктор кај нас во Македонија. При операцијата ми беше откриена и ендометриоза. Кога дојде на визита, докторот ми соопшти дека е невозможно да имам деца – вели таа.
Неколку години потоа Габриела останала бремена по природен пат.
-Тоа беше големо изненадување за мене и за сопругот. Кога останав бремена на прегледите лекарите ми велеа дека нема шанси да го износам. Јас во текот на целата бременост бев многу позитивна, ведра. Матичната ми велеше дека секој ден е чудо за мене и бебето. Бев упорна и верував во себе, сакав да им докажам дека ќе го износам бебето до крај – рече Коцев.
И покрај ризикот, таа се породила природно. Малиот херој сега има две и пол години и се вика Богдан.
-И вториот пат забременив спонтано. Ќе напомнам што ми беше заедничко во двете бремености. Високиот притисок, за кој сакам да апелирам до секоја трудница дека не е играчка, да бидат внимателни. Исто така и во двете бремености бев патолошки случај. Со Бисера морав да се породам со царски – открива таа.
Докторите, сите медицински лица, мислеле дека е ин витро, не им се верувало дека во нејзиниот случај се работи за природно забременување, како што вели, ја нарекле феномен.
-Доаѓаа лекари, медицински персонал, ме гледаа и се чудеа, ме прашуваа како е можно да родам две деца. Јас им велев дека тие треба да ми кажат, тие учеле медицина, не јас – вели Коцев.

Нашата гостинка отворено зборува за предизвиците со доењето, за тешкотиите откако се реализирала како мајка, како и за убавите моменти со новите членови на семејството. Воедно открива и трикови за полесно заспивање на бебе.
Се надеваме дека и вечерва ќе бидете на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. „Мамавизија“ започнува точно во 20 часот. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.


