Малигнен меланом и како да го препознаете

Постојат повеќе типови на малигнен меланом меѓу кои површинско ширечкиот е еден од најчестите за кој се знае дека има еволуција од 1-2 години. Ова секако не смее да го игнорираме, бидејќи ни дава време за рано откривање на меланомот во почетните стадиуми на болеста за кои се смета дека преживувањето е до 98%, односно пациентот се смета за излекуван.

Меланомот настанува како збир на внатрешни, односно генетски фактори и фактори на надворешната средина. Најзначајни ризик-фактори се фамилијарната анамнеза за постоење на меланом на член од поблиското семејство, бројни меланоцитни невуси, односно бенки (повеќе од 50), гигантски вроден (конгенитален) невус, типот на кожа (светлата што лесно гори на сонце и никогаш не потемнува), светли очи, црвена коса како и УВ-зраците како надворешен фактор. Докажано е всушност дека најголемиот ризик-фактор за настанување на меланомот се изгорениците од сонце настанати на кожата во детството и во текот на раната адолесценција.
На генетските фактори кои се својство на секое лице, никако не може да влијаеме, освен да ги воочиме како индикатор за одредување на лица со повисок ризик за развој на меланом. За разлика од нив, на најважниот ризик-фактор од надворешната средина во голема мера може да се влијае!

Секој треба да е запознаен со системот на евалуација за промени на кожата АБЦДЕ

Што може да направиме за превенција?

Препораките се да се користат препарати со висок заштитен фактор од УВА и УВБ зраци, а за почувствителна кожа потребна е дополнителна заштита со носење соодветна облека со долги ракави, капи, шешири и очила. Заштитата треба да се спроведува при секое изложување на сонце од рана пролет па сè до есен, а не само за време на годишните одмори. Подеднакво е важен начинот на применување на препаратите со заштитен фактор кои се нанесуваат 20-30 минути пред изложување на сонце и оваа постапка се повторува на секои 2-3 часа. Најважно е избегнување на директно изложување на сонце во периодот помеѓу 11 и 16 часот. Освен заштитата од сонце како и избегнување на солариумите, важно е да се делува на здравствената едукација за самопрегледување и детекција на одредени знаци кога треба да се побара преглед кај дерматолог.

Како да го препознаеме меланомот?

Меланомот е идеален тумор за превенција, бидејќи кожата е лесно достапен орган за преглед. Мај е месец за подигнување на свесноста кај секој човек за важноста на самопрегледите и за детекција на какви било промени на веќе постоечки бенки или новонастанати пигментни промени во смисла на промена на боја, големина, форма, промена во околината на бенките, како и какви било субјективни сензации како јадеж, болка, крварење и др.

Самопрегледот треба да се изведува еднаш месечно, може да го изведувате сами или со помош на член од вашето семејство. Застанете пред огледало и внимателно погледнете ја секоја промена на кожата по целото тело, вклучувајќи ја кожата на стапалата и ноктите. Со помош на помало огледало кое ќе го поставите под нозете, ќе ги прегледате стапалата на задната страна, како и грбот, почнувајќи од вратот па надолу. За задната страна на телото најдобро е да ви помогне член од семејството, секогаш имајќи го на ум АБЦДЕ правилото.
Доколку се забележи кој било од овие знаци, задолжително треба да се побара преглед кај вашиот дерматолог, кој ќе направи детален скрининг со помош на инструмент дермоскоп, кој е алатка со чија помош без никаков дискомфорт кон пациентот се доаѓа до брза дијагноза.

Тимот на Клиничката болница „Жан Митрев“ Ви стои на располагање. За информации поврзани со Вашето здравје информирајте се или закажете на телефон 02 309 1484 во Клиниката „Жан Митрев“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот