Македонските У21 надежи поразени во Скопје од Шведска
Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година загуби со 2:0 од Шведска во натпревар од квалификациите за пласман на Европско првенство кое ќе се одржи во Словачка 2025 година.
Избраниците на селекторот Драги Канатларовски речиси цело второ полувреме играа со фудбалер помалку. Десниот бек Михаил Димитриевски во 47 минута заработи директен црвен картон откако невнимателно и остро стартуваше врз противнички играч.
Противникот успеа да го скрши нашиот отпор и во 67 минута го постигна првиот погодок. Розенгард со доза на среќа успеа да ја затресе мрежата на Алчевски.
Вихелмсон во последните моменти од средбата ги постави конечните 2:0. Македонија и со играч помалку одигра добар натпревар, особено во дефанзивниот дел, но не можеше ништо повеќе со играч помалку.
Марио Илиевски и Хамза Рамани ги имаа двете најдобри можности на оваа средба за постигнување на погодок.
Швеѓаните со оваа победа се вратија во трката за пласман на Европското првенство. Македонија во досегашниот тек од квалификациите има забележано две победи и четири порази.