Македонските ракометарки сакаат со триумф да ги завршат успешните квалификации за ЕП 2024
Денеска најдобрата македонска женска ракометна репрезентација ќе го игра последниот шести натпревар од квалификациската група „5“ за пласман на Европското првенство кое ќе се одржи годинава.
Препорачано
Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски во минатото коло по гостинскиот триумф над Азербејџан во Баку и победата на Шпанија во Вилнус над Литванија, официјално се промовираа како учесници на следниот континентален собир.
Од 18.00 часот во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје нашите најдобри ракометарки ќе ги пречекаат Литванките и желбата е со победа да се заврши успешниот квалификациски циклус за што беше наградено од Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
Потсетување дека влезот за вечерашниот дуел е слободен за јавноста, а македонските ракометарки ги повикуваат навивачите да дојдат во што поголем број и победнички да се прослави пласманот на ЕП 2024.
Составот на Македонија за дуелот против Литванија: Гакидова, Петковска, Џатевска, Јанкуловска, Ѓорѓиевска, Младеновска, Јанкуловска, Мицевска, Кипријановска, Седлоска, Арсениевска, Ризоска, Маџовска, Саздовска, Гичевска, Дамјаноска.


