Македонските кошаркари денеска против Израел ги стартуваат олимписките претквалификации

фото: kfsm.mk

Дојде на ред и она „главното“, и за кое македонската сениорска кошаркарска репрезентација работеше во изминатиот период од подготовките. Настап, за првпат, на едно натпреварување наречено „олимписки претквалификации“, кои се одлучија да ги реализираат луѓето кои ја водат светската кошаркарска организација.

Денеска, во Талин, стартува еден од неколкуте турнири во европската зона на ФИБА, на кој е и Македонија. Во друштво на стандардните учесници на евро-шампионатите како што се Израел, нашиот прв противник, Чешка, и домаќинот на овој турнир – Естонија.

– По многуте откажувања на неколку стандардни репрезентативци, а последното, и пред самото поаѓање, на турнирот кој следи во Талин ќе настапиме со дури четири играчи кои за првпат се во состав на сениорскиот тим. Со оглед на тоа дека само една репрезентација од вкупно осум, поделени во две групи, ќе го продолжи натпреварувањето во квалификациите за пласман на Олимпијадата, фаворити секако ќе бидат оние репрезентации кои ќе имаат и најголем број на играчи кои би можеле да се најдат во ротација, а воедно да се задржи квалитетот – вели Јончевски.

Натпреварите на кошаркарите со директен пренос на “Канал 5“

Поради повреда селекторот Александар Јончевски нема да смета на Ненад Димитријевиќ, па на негово место е повикан Андреј Шошкиќ. Првиот натпревар е од 18.00 часот против Израелците, а Македонија ќе игра во еден доста поразличен тим од планираниот, а во кој има и неколку нови, млади играчи, кои ги поминаа, оние условно земено, младински „филтри“. Извесно е дека овие промени условија овој собир во Талин да биде искористен и за „вложување“ токму во оние играчи „кои доаѓаат“.

фото: kfsm.mk

– Ќе го искористиме овој турнир за што поголемо воигрување на новите репрезентативци на кои ќе мораме да се потпреме во понатамошните собири. Верувам дека сите што се најдоа на списокот, како и оние кои допрва ќе се најдат, ќе имаат и што да покажат. Да ги искористат своите минути, а истовремено да можат да ги увидат и вистинските спортски и човечки вредности на малкумината искусни, на чело со капитенот Војдан Стојановски – се зборовите на селекторот.

ОЛИМПИСКИ ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ – ТАЛИН 2023

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

12 АВГУСТ (САБОТА)

15.00: Чешка – Естонија
18.00: МАКЕДОНИЈА – Израел

13 АВГУСТ (НЕДЕЛА)

15.00: Израел – Чешка
18.00: Естонија – МАКЕДОНИЈА

14. АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК)
СЛОБОДЕН ДЕН

15.АВГУСТ (ВТОРНИК)
15.00: Чешка – МАКЕДОНИЈА
18.00: Израел – Естонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот