Македонскиот тенисер Александар Грујиќ со трофејот во двојки на меѓународниот турнир во Скопје
Успешен настап имаа македонските млади тенисери на турнирот што денеска заврши во Скопје Neotel Open 2025 за тенисери и тенисерки до 16 години. Во конкуренција на двојки кај момчињата Александар Грујиќ заедно со Кристијан Стефанов од Бугарија завршија како победници, додека Сара Митевска во поединечна конкуренција играше во финалето.
Препорачано
Грујиќ и Стефанов во финалето со 2:0 во сетови 6:3 и 6:2 ги совладаа вторите носители Стефан Мојсејев од Србија и Диого Филепе Силва Ордоњо од Португалија. Претходно во полуфиналето Грујиќ и Стефанов остварија победа против Давид Грабул од Македонија и Задиг Добринине од Франција со 6:3 и 7:5.
Во четвртфиналето беа поуспешни од Лука Кировски (Македонија) и Лука Глуцк (Германија) со 6:3 и 6:2). Најтешко до победа стигнаа во второто коло кога со 2:1 во сетови (4:6, 7:6, 10:3 на поени) ги совладаа Матијас Гетинг и Аурелиус Херц од Германија.
Во женската сингл конкуренција Сара Митевска на патот до финалето ги победи Ирис Димопулу од Грција со 6:1, 6:0, потоа Ангелина Вишеневска од Украина (6:2, 6:0).
Митевска во четвртфиналето ја совлада Софија Сарач од Австралија со 6:3 и 6:2, а во полуфиналето триумфираше над Дионисис Кукули од Грција (6:3, 6:1). Поуспешна од македонската тенисерка беше Фангју Шанг од Кина која во финалето славеше со 6:3 и 6:1.



