Македонскиот лекар е во Бугарија и се појавил на распит во полиција во Софија за прегазувањето на кучето Маја
Докторот кој во понеделникот прегази куче во Софија денес се појавил во Третата окружна управа, изјави на брифинг за новинарите директорот на Софиската дирекција за внатрешни работи (СВДР), главниот комесар Љубомир Николов. Тој објасни дека лекарот дошол со својот адвокат, пренесува бугарската агенција БТА.
Препорачано
Станува збор за македонскиот лекар Ненад Цоневски кој работи како торакален хирург во софиската Воено-медицинска академија, од каде од вчера е суспендиран поради истражната постапка против него.
На 9 ноември, тој излегол со својот автомобил од гаража при што го прегазил кучето, чие име е Маја, а луѓето во населбата „Расадник“ нагалено го нарекувале – Маја. Како резултат на тоа, кучето претрпело сериозни повреди и подоцна било еутанизирано во ветеринарна клиника.
„Мажот е обвинет според член 325 Б, односно – предизвикување смрт на ‘рбетно животно“, рече главниот комесар Николов.
Тој објави дека му е одобрена кауција во износ од 5.000 лева. Според него, мажот целосно соработува со истрагата.
На вчерашниот брифинг, портпаролот на Окружното обвинителство на Софија, Николај Николаев, објави дека мажот има 28 години и е специјализант на Военомедицинската академија.
„Мажот што удри куче во Софија е обвинет за намерно сурово однесување кон ‘рбетно животно, што резултирало со тешки повреди“, рече Николаев.
Според него, досега собраните докази водат до заклучок дека постоела намера од страна на сторителот.
„’Рбетот на кучето беше смачкан, движењата на задните екстремитети дефинитивно би биле изгубени, а најверојатно и предните екстремитети. По дискреционо право на лекарот и фактот дека кучето било бездомно и немало кој да се грижи за него, донесена е одлука за негово евтаназирање“, додаде Николаев.
Казната предвидена за овој вид кривично дело е од една до пет години затвор, објасни обвинителството.
Бугарската невладина организацијата на пациенти „Заедно со вас“ го осуди однесувањето на лекарот што го прегази кучето.


