Македонија со победа или реми во Кардиф ќе го обезбеди второто место во мундијалските квалификации
Фудбалската репрезентација на Македонија денеска од 20:45 часот во Кардиф ќе го одигра последниот натпревар од квалификациите за Светското првенство во 2026 година.
Препорачано
Со нерешен резултат или победа на гостувањето против Велс, нашиот национален тим ќе го обезбеди второто место во групата, што значи и поповолен ривал во плејофот за пласман на Мундијалот.
Капитенот на А селекцијата, Енис Барди е убеден дека Македонија има сили да се справи со притисокот и предизвикот што ги очекува, и покрај тоа што атмосферата во Кардиф ќе биде силно наклонета кон домаќините.
Тој истакна дека поддршката на навивачите од Македонија ќе биде нивниот најголем мотив:
– Секогаш нагласувам дека треба да уживаме во секој момент, најпрво затоа што имаме чест да ја претставуваме нашата земја, а потоа и затоа што знаеме дека сите луѓе дома се со нас. На трибините можеби ќе имаме малку навивачи, но во душата знаеме дека цела Македонија ќе ни дава сила. Не очекува тежок дуел, но сме подготвени да дадеме вистински одговор – изјави Барди.
Македонија има и теоретски шанси да се најде на првото место кое носи директен пласман на Мундијалот, со наша победа во Кардиф, и триумф на Лихтенштајн против Белгија.
Квалификации СП 2026
Група Ј
Денеска
20.45 часот Белгија – Лихтенштајн
20.45 часот Велс – Македонија
Табела: Белгија 15 бодови, Македонија 13, Велс 13, Казахстан 8, Лихтенштајн 0.


