Македонија на 7 декември ќе ги дознае ривалите во квалификациите за СП

фото: Драган Митревски

Како што официјално информираат од светската фудбалска куќа, на 7 декември 2020 година во Цирих (Швајцарија, 18.00 часот) ќе се извлечат квалификациските групи во европската зона. Вкупно 55 репрезентации, помеѓу кои и македонската, ќе се најдат во трката за Мундијалот кој ќе се одржи во Катар од 21 ноември до 18 декември 2022 година.

Веќе стартуваа квалификациите за Светското првенство на другите континенти, во Африка, Азија и Јужна Америка. Поради пандемијата со ковид-19 и рестрикциите, церемонијата ќе се одржи како виртуелен настан без присуство на претставници на федерациите, асоцијациите.

Ќе бидат формирани пет групи со по шест репрезентации и пет групи со по пет репрезентации. Како и до сега ќе се игра на домашен и гостински терен, во периодот од март до ноември 2021 година. Победниците од секоја група директно ќе се пласира на Мундијалот, а второпласираните ќе играат во плеј-офот, односно баражот.

На второпласираните од групната фаза ќе им се придружат уште две најдобри репрезентации сметајќи го вкупниот пласман во Лигата на нации за периодот 2020-2021. Секако, не сметајќи ги оние кои веќе обезбедиле пласман низ „регуларните“ квалификации.

Тие 12 репрезентации ќе бидат поделени во три групи со по четири репрезентации кои ќе се борат за уште три „билети“ за СП. Форматот (нема дома-гости, само еден натпревар, март 2022 година) ќе биде еднаков како и неодамнешниот плеј-оф за ЕП, со две полуфинални средби и финале за секоја од трите групи. Севкупно Европа ќе даде 13 учесници на СП.

Тоа што секако е исто важно дека шеширите ќе бидат одредени со користење на ранг листа која ќе излезе на 26 ноември оваа година. Пред нас е една неверојатна 2021 година, помеѓу март и ноември заедно со Европското првенство ќе бидат одиграни дури 280 натпревари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот