Македонија ја запиша и втората победа на Светското кадетско првенство

Македонија го обезбеди пласманот во главната фаза на СП/Фото: facebook.com/rfmofficial

После стартниот триумф над Сенегал од 32:13, денеска кадетската женска селекција на Македонија ја забележа и втората победа на Светското првенство 2022 кое се одржува во нашата земја. Во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје избраничките на селекторот Љубомир Савевски триумфираа со 39:30 против Узбекистан.

Со оваа победа Македонија обезбеди пласман во главната фаза на Мундијалот. Моментно во групата „Б“ по четири бодови имаат Македонија и Иран, а ниту еден Узбекистан и Сенегал.

Противничките имаа фуриозен старт, после само шест минути игра имаа водство од 6:1. Направивме многу грешки во нападот, а ривалот кој знаеше тоа да го казни стигна највисока предност од „плус шест“ (8:2). Нашата репрезентација се консолидираше, со поцвста одбрана и сигурен напад после 20 минути на семафорот стоеше нерешени 13:13. На паузата заминавме со минимална позитива од 20:19.

Вториот дел започна со серија од 5:1, после 45 минути игра водевме со 30:23 и тоа беше најголемата предноста најмногу благодарение на индивидуалниот квалитет на Бојана Коцева. Стигнавме и двоцифрено водство од 36:26 на седум минути пред крајот на мечот. За ракометарка на мечот беше прогласена Емилијана Ризоска кој постигна осум голови, а еден повеќе Коцева. Марија Јанкуловска запиша шест погодоци, а по 10 на спротивната страна имаа Севинч Еркабаева и Сарбиназ Сапарбаева.

Третиот меч нашите млади ракометарки ќе го имаат во вторник (2 август) од 20.30 часот против Иран, а влезот за сите љубители на ракометот и спортот ќе биде слободен.

– Моите ракометарки не беа фокусирани на овој натпревар и не игравме ништо во првото полувреме. Имавме некои индивидуални квалитети и започнавме да играме добра одбрана во вториот дел. Се надевам дека ваквите перформанси од мојот тим нема да се повторат. Иран е нашиот следен противник, ќе се одмориме и ќе се подготвуваме за овој меч – рече нашиот селектор Савевски по мечот со Узбекистан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот