Македонија денеска почнува ново Европско првенство, најтешкиот предизвик ќе го имаме уште во првиот натпревар
Maкедонската ракометна репрезентација денеска го почнува Европското првенство, а на стартот избраниците на Лазаров, дури и да сакаа не можеа да изберат потежок предизвик.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Вечерва во Хернинг ќе излеземе на битка против силната селекција на Данска која и ова првенство е главен фаворит за највисок пласман, покрај тоа тие ќе ја имааат и поддршката од трибините.
Сепак, дефинитивно Македонија нема да калкулира, тоа го покажаа и ракометарите во изјавите пред натпреварот порачувајќи дека нема да калкулираме и да чуваме сили за следните два натпревари во кои по реално е да очекуваме позитивен исход, иако ниту Португалија, ниту Романија не се селекции за потценување. Португалците со кои ќе играме в недела ќе потсетиме, беа четврти на последното Светско првенство.
„Данска си е Данска, сите ја знаеме и нема што да се зборува за нив. Одиме максимално фокусирани на Португалија и Романија. Треба да се подготвиме на највисоко ниво, да одиграме како што треба. Во Данска знаеме сите кои играчи настапуваат за репрезентацијата. Тоа се играчи кои до вчера ти биле идоли, а сега треба да играш против нив, чувството е феноментално. Мора да дадеме максимум, ова е Европско првенство. Нема чување бидејќи секогаш е чест да се игра за Македонија“, изјави пред овој дуел еден од најмладите во нашите редови Дамјан Митев.
На ова првенство, Македонија влегува со едни добри подготовки во кои претрпевме само еден пораз и тоа од Хрватска во Пореч. Во одлично издание се прикажвме на турнирот во Швајцарија каде што ги победивме Бахерин и Украина, а ремизиравме со домашната селекција. Последниот контролен натпревар, македонските ракометари го имаа во Данска против, Мјитиланд пред два дена и во него славевме со 35-27.
Но, јасно е дека Данците се едно поинакво ниво во однос на сите овие противници. Сите сме сгурни дека ракометарите ќе дадат се од себе, за колку тоа ќе биде доволно во дуелите против едни од најдобрите во светот, ќе видиме вечерва.
Натпреварот е закажан во терминот од 20:30 часот. Следниот против Португалија го играме в недела од 18:30 часот, додек последниот во оваа прва фаза со Романија е закажан за вторник од 18:00 часот.
Пласман во следната фаза ќе обезбедат првите две селекции од групата.
ВИДЕОАНКЕТА: Што очекувате од ракометната репрезентација на Европското првенство?


