ВИДЕОАНКЕТА: Што очекувате од ракометната репрезентација на Европското првенство?
Вечерва од 18 часот официјално започнува 17. издание на Европското ракометно првенство, кое ќе трае до 1 февруари, а домаќини се Данска, Шведска и Норвешка. Трите скандинавски земји во наредните недели ќе бидат центарот на ракометните случувања на Стариот Континент.
Препорачано
Македонија по 14-ти пат по ред ќе настапи на големо натпреварување – континуитет со кој ретко која европска репрезентација може да се пофали. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров својот прв настап ќе го имаат утревечер од 20:30 часот против кодомаќинот Данска. Во групата Б се и селекциите на Португалија и на Романија, а натпреварите ќе се играат во Хернинг.
„Слободен печат“ излезе во центарот на градот за да ги праша граѓаните дали се информирани за Европското првенство и какви се нивните очекувања од македонската ракометна репрезентација.
Дел од анкетираните признаа дека не се доволно информирани за почетокот на првенството.
– Па, не многу сум информирана, немам време да следам – додава една граѓанка.
– Сабајле слушнав на вести дека почнува првенството. Ќе го следам натпреварот – вели една анкетиранa.
Кога станува збор за очекувањата од македонскиот тим, мислењата се поделени, но во најголем дел позитивни.
– Добри се, солидни дечки. Дали можат да ја победат Данска? Тешко прашање… ама не треба да бидеме песимисти. Можеби ќе изненадат – вели еден од анкетираните.
– Јас од срце навивам за Македонија. Колку сме спремни, не знам, ама секогаш ќе посакам победа. Ако дадат максимум на терен, не можеме да бидеме незадоволни – вели граѓанин.
Сепак, има и такви кои се пореални во процените.
– Тешко, тешко… кај може Македонија да ја победи Данска? Данска е голем залак за нас – вели анкетиран граѓанин.
– Мислам дека имаме шанса да се покажеме – вели еден од анкетираните.


