Македонци од Саудиска Арабија, Кувајт и Бахреин ќе се евакуираат утре
Македонските државјани кои се наоѓаат во Саудиска Арабија, Кувајт и Бахреин утре треба да се вратат во земјава со чартер-лет кој го организира Владата, соопшти Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.
Препорачано
Авионот на саудиската авиокомпанија „Флајнас“ ќе полета од меѓународниот аеродром „Крал Халид“.
Каде и кога да се јават Македонците од странските држави?
Македонците во Ријад треба да бидат на аеродромот на 11 март во 17 часот по локално време, на Терминал 1, за да ги завршат процедурите пред полетувањето на специјалниот лет.
За македонските државјани што се во Кувајт е организиран автобуски превоз кон Ријад. Автобусот ќе тргне ноќта меѓу вторник и среда, односно на 10 март на полноќ, по локално време од Кувајт, и ќе ги превезе патниците до аеродромот во Ријад, каде ќе се приклучат на летот за Скопје.
И за оние граѓани во Манама е организиран автобуски превоз. Автобусот ќе тргне на 11 март во 6 часот наутро и ќе ги превезе патниците до аеродромот во Ријад, од каде ќе продолжат со специјалниот лет кон Македонија.
Министерот Тимчо Муцунски вчера информираше дека има координирана акција за враќање на Македонците од Блискиот Исток. Истовремено, апелираше граѓаните навреме да пријават доколку се премислат за евакуација, за да не остануваат празни места во авионите, укажувајќи дека 14 македонски државјани кои биле пријавени за евакуација завчера не се појавиле на организираниот лет од Дубаи.
Од Дубаи со авион во Скопје веќе пристигнаа 151 македонски државјанин, а најавени се и нови летови.


