Четиринаесет пријавени не се појавиле за да бидат евакуирани од Дубаи, Муцунски апелира авионите да не остануваат празни
По синоќешната евакуација на 151 лице од Дубаи кои пристигнаа на Скопскиот аеродром, државата планира уште два чартер лета за извлекување на македонски граѓани од ризичните подрачја на Блискиот Исток. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски апелираше граѓаните навреме да пријават доколку се премислат за евакуација, за да не остануваат празни места во авионите, укажувајќи дека 14 македонски државјани кои биле пријавени за евакуација вчера не се појавиле на организираниот лет од Дубаи.
Препорачано
„За среќа, имавме листа на чекање и тие места беа пополнети со други граѓани. Операцијата се реализира со буџетски средства и секое место во авионот треба да биде искористено“, рече Муцунски.
150 патници евакуирани од Дубаи пристигнаа на скопскиот аеродром
Следниот авион со евакуирани граѓани се очекува да пристигне во вторник, а трет лет се планира за средината на неделата.
Во Доха се регистрирани 162 лица, од кои 89 изразиле подготвеност да бидат евакуирани. Во Кувајт се пријавени 36 лица, во Бахреин 15, додека во Саудиска Арабија се пријавиле пет лица.
Околу евакуација на граѓаните од Бахреин, Катар и Кувајт, планот е тие најпрво да бидат пренесени во Саудиска Арабија, од каде во среда се очекува да бидат префрлени со авион кон регионот. Можно е авионот да слета на аеродромот во Приштина, по што ќе биде организиран превоз до Скопје.
„Од Израел веќе се евакуирани сите граѓани кои побараа извлекување, освен еден државјанин кој инсистирал евакуацијата да се реализира директно од територијата на Израел. Две групи граѓани претходно беа извлечени преку Египет“, посочи Муцунски.
Првиот авион со наши државјани слета во Скопје, донесе луѓе евакуирани од Израел
Тој нагласи дека македонските државјани нема да плаќаат за евакуацијата, посочувајќи дека државата има обврска да обезбеди безбедно враќање на своите граѓани во услови на криза.
Според проценките на институциите, повеќе од 600 македонски државјани би можеле да бидат евакуирани во текот на оваа недела, иако бројката може да се менува.
Институциите продолжуваат со координација со дипломатско-конзуларните претставништва во регионот, со цел до крајот на неделата да бидат евакуирани сите македонски државјани кои побарале извлекување од погодените подрачја на Блискиот Исток.


